1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меѓународна осуда на двојниот атентат во Алжир

Cutanoski, Goran12 декември 2007

И Советот за безбедност на ОН ги осуди вчерашните бомбашки напади, во кои животот го загубија околу 70 лица, меѓу нив и најмалку 10-мина соработници на ОН.

https://p.dw.com/p/CaVc
Генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун на Конференцијата за климата во БалиФотографија: AP


„Ова е едноставно неприфатливо... сакам најостро да го осудам. Такво нешто е неприфатливо во какви и да е околности, ништо не може да го оправда„ – бараше зборови на осуда генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун.


Кусо пред отворањето на првата министерска средба на Конференцијата за климата во Бали, тој уште порача дека станува збор за кукавички напад врз цивили, кои под знамето на ОН им служат на највисоките идеали на човештвото. Бан испрати високи претставници на Светската организација во Алижир да ја испитаат состојбата.


Главниот удар на едниот од двата напада беше насочен токму кон зданието во кое е сместена Програмата за развој на ОН, УНДП. Според информации од Светската организација, камион натоварен со експлозив се втурнал во влезниот дел на зградата, по што дошло и до уривање на тој дел од зданието. Најмалку 11 соработници на ОН загинаа при тоа, порача портпаролот на Генералниот секретар Мари Окабе.


Непосредно до зданието на УНДП се наоѓа и седиштето на Агенцијата за бегалци на ОН, каде исто имаше жртви. Портпаролот на УНХЦР, Рон Редмонд порача:


„Можеме да потврдиме дека се убиени два члена на УНХЦР. Неколкумина се уште повредени, еден од нив сериозно. Како исчезнати се водат уште 10-тина лица.„


Одговорноста за овој самоубиствен напад, како и за вториот што се случи пред Врховниот суд на Алжир во центарот на градот, ја презеде организацијата „Ал Каеда во исламски Магреб„. На една интернет страна организацијата покажа фотографии на двајцата атентатори и порача дека нападите покажуваат оти не е уништено нејзиното јадро и најави натамошни атентати.