1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меѓународна организација без заби

16 јуни 2009

Оној кој бара работа во неформалниот сектор, заработува малку, нема социјално осигурување и често е изложен на висок ризик од повреди. Меѓународната организација за труд, ИЛО, сака да го спречи тоа.

https://p.dw.com/p/IABu
Директорот на ИЛО, Хуан Сомавиа, потпишува плакат против детска работаФотографија: AP

Социјалната правда е основа на долгорочниот мир. Овој постулат спаѓаше во основните начела на Меѓународната организација за труд, кога беше основана на 11 април 1919 година, во рамките на мировните преговори во Версај. Денеска таа е посебна организација на ОН со седиште во Женева, чија цел е подобрување на работните услови и социјалното осигурување на вработените луѓе во цел свет.

Изминативе 20 години од свеста на јавноста исчезнуваше фактот за нужноста од меѓународни минимални стандарди за поддршка на вработените, социјална сигурност и работните услови. Наместо тоа, економијата, но и политиката застапуваа став оти интернационализацијата и слободно ориентираната економска политика ионака би имале позитивно влијание врз работните услови и минималните стандарди. Бројни студии меѓутоа докажаа дека тоа не е така. Во нив се документирани појавите како намалување на платите, разградување на социјалните мерки и спречување на синдикалната работа во западните земји, до плати на границата на изгладнување, детски и робовски труд, пред се‘ во земјите во развој и оние во економски подем.

Макотрпен пат до конвенциите

За да се спречи ваквиот развој, ИЛО постојано развива стандарди и програми, наречени и конвенции, и од 183-те земји-членки бара да ги применуваат по нивното ратификување. Конвенциите се донесуваат со консензус, што значи дека подеднаквиот број претставници на земјите членки на ИЛО, на претставниците на државите, на синдикатите и на работодавачите, преку преговори ги расчистуваат тешкотиите, пречките и разликите во интересите до усвојувањето на една конвенција. Потоа конвенциите секако мора да бидат ратификувани во одделните држави, за работниците и организациите да можат да се повикаат на нив.

Logo ILO International Labor Organization
Фотографија: AP GraphicsBank

Токму во тоа е и проблемот, зашто Меѓународната организација за труд нема соодветни механизми со кои би ги спровела конвенциите. Успехот на нејзината работа на крајот сепак зависи од мотивираноста на државите, кои сознанијата и искуствата во рамките на ИЛО ги применуваат во практика. А таа често недостасува: САД имаат ратификувано само 14 од 199 конвенции, Германија пак 72. Во оние досега нератификуваните спаѓа и поновата за нерегуларни односи на вработување.

За да изврши поголем притисок врз земјите за ратификување на конвенциите и подобрување на работните услови, во средината на 90-те години во синдикатите се роди идејата за воведување т.н. социјална клаузула во рамките на Светската трговска организација. СТО преку договорите ја регулира светската трговија со стоки и услужни дејности. Трговски привилегии би добила само онаа држава, која се придржува до основните работни норми. За разлика од ИЛО, СТО во споровите има на располагање и санкции во форма на казнени царини. Преговорите околу оваа социјална клаузула засега се неуспешни.


Автор: Улрике Маст-Киршнинг / Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска