Меѓународната помош стигнува до се‘ поголем број жртви на Хаијан
17 ноември 2013Меѓународната помош за жртвите од тајфунот Хаијан почнува да покажува резултати. Хуманитарните организации викендов (16/17.11.) првпат даваат позитивни вести од регионот погоден од катастрофата, во кој снабдувањето на луѓето со храна, вода, шатори и лекови е на прво место. Сепак, и покрај тоа што американски хеликоптери се во акција во регионот и од воздух ги снабдуваат со помош жртвите на тајфунот, се‘ уште има луѓе кои страдаат од глад, јавуваат Обединетите нации.
Претседателот на Филипини, Бенињо Акино, на островот Самар имаше средба со жртви од катастрофата и претставници на локалните власти. Ова е втора посета на Акино во кризниот регион.
„Да разговараме директно за она што е неопходно и да дејствуваме соодветно“, им рече Акино на претставниците на локалните власти. На жртвите претседателот им порача дека властите ќе сторат се‘ за да ги снабдат со она што им е неопходно. Освен тоа, Акино најави дека има намера засега да остане во регионот, за да се увери во напредокот на пратките со помош.
Денеска филипинската влада соопшти дека најверјотано четири милиони луѓе во невремето загубиле се‘ што поседуваат. Ваквите проценки се далеку пострашни од она што досега се претпоставуваше. Бројот на жртвите исто така постојано расте и според досегашните информации изнесува 3.974 лица.
Викендов почна планирањето за градба на населбата во која треба да бидат сместени десетици илјади луѓе кои останаа без покрив над главата во градот Таклобан. Германската влада ја зголеми итната хуманитарна помош за два милиони евра. Сега за помош на Филипини се предвидени 6,5 милиони евра, соопшти германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле, информирајќи дека тие средства ќе им бидат ставени на располагање на германските и меѓународните хуманитарни организации.
Тајфунот Хаијан со брзина од над 300 километри на час го опустоши источниот брег на Филипини. Тој предизвика бранови со висина од седум метри.