1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мешовитиот комитет ЕУ-РМ да не разговара за името?

29 ноември 2010

Ани Подимата, грчка европарламентарка од редовите на ПАСОК, пред одржувањето на седницата на Мешовитиот комитет ЕУ-РМ во Брисел, за Дојче веле зборува на тема медиуми и за проблемот околу името.

https://p.dw.com/p/QKhU
Ани ПодиматаФотографија: Toni Glamcevski

Грчката европратеничка Ани Подимата од редовите на европските социјалисти, планирала и пред последните случувања во Македонија, да се наврати на слободата на печатотот и на изразувањето за време на дводневната средба која започнува денеска (29.211.10) во Брисел.

„Јас како поранешна новинарка се интересирам многу за оваа област. Сакам да подвлечам дека, општо земено, во Европа сме далеку од разрешувањето на овие прашања. Но, има неколку принципи и правила кои се спроведуваат на ист начин во сите земји.“

Таа е на мислење дека постои простор на кој може заеднички да се работи на повеќе нивоа: како на ниво на контакт меѓу граѓаните, така и меѓу здруженијата на новинарите, во обид да се постигне напредок, бидејќи во интерес на сите е да се подобри ситуацијата.

„Посебно во период на криза во цела Европа, знаете медиумите играа улога, која не беше секогаш позитивна. Ние се наоѓаме во ситуација во која можеме како луѓе кои и‘ служат на слободата на печатотот и изразувањето да придонесеме да имаме коректна информација и да се обидеме да постигнеме напредок во почитувањето на правилата кои ја регулираат ситуацијата на медиумите“, додава грчката европратеничка.

Без решение за името Македонија не ќе може во Агендата 2014

На прашањето дали постои можност и Македонија да се најде во Агендата 2014 на грчката влада за брзо приклучување на земјите од Западен Балкан во ЕУ, ако не се најде решение за името, одговорот на Подимата е јасен:

„Вие добро знаете дека нема да се постигне тоа, ако нема решение за името. За жал, интензивирањето на контактите се‘ досега не доведе до конкретни резултати. Постојат фрустрации бидејќи не е постигнат напредок во билатералниот дијалог. Нашиот премиер направи сè што е можно во барање на заеднички прифатливо решение за името за двете земји. Единственото што недостига сега е демонстрација на вистинска политичка волја.“

Грчкиот премиер има, а македонскиот нема политичка волја за решение за името?

Таа како блиска до грчкиот премиер, тврди дека грчкиот премиер е во потрага на решение, но се добива впечаток дека политичката волја не е иста од страна на македонскиот премиер.

„Затоа неколку средби кои можеа да бидат значајни последниве недели, посебно пред самитот во декември не можеа да се одржат“, вели Подимата.

Според неа, треба да се искористи сегашната ситуација, оти како што поминува времето, општо земено во Европа ќе има поголема воздржаност кон проширувањето и затоа треба да се најде решение колку што е можно побрзо.

Сепак, таа е меѓу европратениците кои се залага денес и утре да не се зборува за проблемот со името на Мешовитиот комитет.

Поради конструктивност и продуктвност не се посакува дебата за името во Мешовитиот комитет

„Одлучивме дека треба да бидеме продуктивни и конструктивни. Европскиот парламент, посебно во рамките на Мешовитиот комитет ЕУ – Поранешна Југословенска Република Македонија, не е соодветното место за да се отворат дискусии околу прашањето со името. Преговорите се водат под закрила на ООН и истовремено има контакти на највисоко ниво меѓу двете влади и премиери и можам само да посакам овај билатерален дијалог и во ООН да доведе до позитивен резултат колку што е можно побрзо.“

„Што се однесува до Мешовитиот комитет, ние треба колку што тоа е можно да работиме по прашања од заеднички интерес во кои ќе бидеме конструктивни, за да еволуираме и ги подобриме и прошириме прашањата од заеднички интерес“, завршува грчката европратеничка Ани Подимата.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска