1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Металург минува низ најубавиот сон

Златко Калински24 март 2013

Инспиративната ракометна сага на Металург продолжува. Македонскиот првак со победничките 24:22 против белорускиот Динамо од Минск се издигна уште повисоко на европското ракометно небо.

https://p.dw.com/p/183K6
Фотографија: Makfax

Металург граби напред со секоја нова етапа од Лигата на ракометните шампиони. Првпат една македонска екипа е во четвртфиналето од елитното натпреварување. Наумче Мојсовски местото меѓу осумтемина европски ракометни великани го доживува како историски момент, со желба да трае што е можно подолго:

„Сонот за ваквите наши дострели започна рано, на крајот од летото со квалификацискиот турнир за Лигата на шампионите во Норвешка. Откако ја минавме таа секогаш деликатна пречка, со голема желба и енергија влеговме во групната фаза. Игравме добро, игравме сигурно, победувавме, а наградата беше влез  во посакуваната нокаут-фаза. Многу сум радосен што сум дел од сево ова, од екипата која испишува нова историја на македонскиот клупски ракомет.“

Динамо од Минск двапати беше фрлен на колена, но тоа беа исцрпувачки дуели, вели Мојсовски:

„Очекувавме дека првиот натпревар ќе биде потежок. Но, во Минск одигравме многу добро, умно, рационално... Сите беа изненадени од нашата игра, едноставно во секој момент знаевме што сакаме. Се покажа дека реваншот е потежок! Во Скопје малку бевме понесени од атмосферата, бевме ’полесни во главите’, ни се случуваа избрзани напади и удари на гол и се‘ беше некако потешко. Сепак го надигравме одново Динамо со 24:22. Нашиот голман Станиќ беше одличен и успешно стигнавме на целта.“

На чекор од пат во Келн

Металург стигна до последната пречка која го дели од ракометниот рај. Реално ли е, до вчера анонимната дружина од Автокоманда, да се носи со помислата за место на завршниот фестивал во Келн? Следи жрепката за четвртфиналето:

„Учество на завршниот ’фајнал-фор’ во Келн е големата желба на секој од нас. Се надевам, жрепката нема да биде немилосрдна кон нас и дека нема да ни ја додели Барселона како следен  противник. Со секоја друга екипа можеме успешно да се надигруваме во четвртфиналето. Верувам во добра среќа, се надевам на подвиг.Пред само неколку месеци патот во Келн беше една голема илузија во нашите мисли, а сега сме само на чекор од него.“

Handball Championsleague Metalurg Mazedonien
Фотографија: Makfax

Сезоната е напорна, долга, исцрпувачка. Наумче Мојсовски укажува дека за големите ракометни средини допрва следат вистинските предизвици:

„Дури сега започнува сезоната за нас. Сега се разжестува битката за трофеите на три фронта: во Лигата на шампионите, во СЕХА лигата и во шампионатот на Македонија. Претстојат два пеколни месеци за нас. Се надевам дека и натаму ќе играме квалитетно.“

Во очекување на гостувањето на светскиот првак

Мојсовски е и незаменлив македонски репрезентативец. За десетина дена продолжуваат квалификациите за наредното Европско првенство, На 4 април во Скопје ќе гостува светскиот првак Шпанија:

„Шпанија е најтешкиот наш противник. Никогаш досега не сме играле против Шпанците, но тоа е репрезентација со која мислам дека можеме да се надигруваме. Тие се голем фаворит во групата, а за нас тој натпревар е многу значаен по поразот од Португалија. Победата е наш императив и ќе дадеме се‘ од себе. Имаме и нов селектор, Хрватот Ивица Обрван, кого го знам како добар ракометен познавач, голем работник, вистински ракометен фанатик. Неповолност е што немаме многу време за запознавање со него, тој доаѓа само на три дена пред гостувањето на светскиот првак. Треба да се има разбирање ако резултатот биде неповолен. Сепак, се надевам на се‘ најдобро, оваа генерација се‘ уште поседува голем капацитет во себе, а тоа значи и нови учества на претстојните големи натпреварувања“, вели за Дојче веле еден од најдобрите македонски ракометари, Наумче Мојсовски.