1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Металург е со добри шанси во Лигата на шампионите

Златко Калински22 септември 2012

Лигата на шампионите на Европа и Сеха регионалната лига и оваа сезона ќе бидат главните натпреварувачки полигони за најдобриот македонски ракометарски клуб.

https://p.dw.com/p/16AC6
Стевче АлушевскиФотографија: DW

Учеството во групната фаза на Лигата на шампионите беше првата цел пред ракометарите на Металург на почетокот од новата сезона. Ја остварија на турнирот во Норвешка. Набрзо следи почетокот на мини лигата со 10 натпревари. За ветеранот во тимот Стевче Алушевски континуираното учество во елитата е од исклучително значење:

„За Металург ова претставува само продолжување на она што беше остварено во минатата сезона. Ние вторпат едноподруго ќе се натпреваруваме во елитната Лига на шампионите.“

Шамбери од Франција, Кјелце од Полска, Силкеборг од Данска, Горење од Словенија и Санкт Петербург од Русија е ракометното друштво во кое Металург ќе ја бие битката за пласман во нокаут фазата. Според Алушевски, шансите на македонскиот првак се добри:

„Мислам дека ни претстојат 10 исклучително интересни и квалитетни натпревари. Се надевам дека Металург доколку успее да обезбеди квалитетно засилување на десната бековска позиција ќе игра забележителна улога во групата. Со тоа, реален пласман на Металург во групата би бил второто или третото место, кои водат во нокаут фазата.“

Интересна е и СЕХА лигата

Стартуваше втората сезона од СЕХА регионалната лига, но со нови организациони проблеми. Поради доцна закажаниот термин, првиот натпревар против Татран во Прешов, Металург мораше да го одложи. Алушевски сепак верува во перспективата на оваа лига:

„И оваа година СЕХА лигата има добар квалитет. Отсуствуваат екипите од Србија, но тука е Брест Мешков од Белорусија, Татран Прешов од Словачка, Хрватскиот Загреб, Борац од Бања Лука...сите тие се екипи, кои не се за потценување, против кои треба да се игра најмалку со 80% од своите можности за да се победи во еден таков натпревар. Ова носи предизвик и квалитет и кај екипите и кај играчите. И покрај сите проблеми се надевам дека оваа лига ќе заживее.“

Handball Europameisterschaft Mazedonien Tschechien
Алушевски најавува простување со националниот дресФотографија: dapd

Квалитативната македонска ракометна стварност и натаму се само Металург и Вардар. Ниту трага од трето конкурентско име. Алушевски вели декасостојбите во македонскиот ракомет не се добри:

„Не сакам да звучам песимистички, но тоа е реалната слика. Гледате какви ракометни центри како Битола, како Велес, како Прилеп едноставно згаснаа, така што немаме добра иднина доколку не се сменат многу работи во државата.“

Ветеранот го најавува своето повлекување

Стевче Алушевски деновиве полни 40 години, но и натаму е незаменлив на левата крилна позиција во тимот на Металург и во репрезентацијата на Македонија. Игра одлично, но скромно го најавува и крајот на кариерата:

„Ова дефинитивно, е мојата последна сезона. Светското првенство ќе биде моето простување со националниот дрес. Прошталниот натпревар ќе го одиграм против Шпанија.На завршетокот на кариерата, во оваа последна сезона се надевам дека ќе се претставам во она светло во кое ме знаат љубителите на ракометот во Македонија“, вели за своето играчко предвечерје, Стевче Алушевски.