1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мерките за заштита од загадувањето продолжени до вторник

СН/ам/миа21 декември 2013

Според прогнозите на метеоролозите во Македонија нема навестувања за промена на временските услови, ни на квалитетот на воздухот до средината на наредната недела. Владата затоа ги продолжи заштитните мерки до вторник.

https://p.dw.com/p/1AeWS
Фотографија: Fotolia/andreiuc88

Мерките за ослободување од работни обврски поради загадувањето на воздухот во скопскиот, кичевскиот, тетовскиот и битолскиот регион, кое деновиве е над дозволеното, за бремените жени и лицата над 60 години продолжуваат до вторник. Покрај за овие категории граѓани, на денешната отвoрена седница на македонската влада усвоен е заклучокот од работни обврски да бидат ослободени и лицата болни од астма, без разлика на возраста, со препорака од матичен лекар. Ваквата одлука е на предлог на министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми, кој посочи дека според податоците од УХМР до вторник не се очекува промена на времето, ниту драстична промена во квалитетот на воздухот.

„Подготвивме брошури кои се делат низ Скопје, Тетово, Битола и Кичево да ги информиораме граѓаните за штетните влијанија доколку користат неквалитетно дрво и гориво. Препорачавме до овие општини да направат анализа или анкета за видот на користење на гориво за затоплување, по примерот на градот Скопје, како и да се избегнува до вторник органзиирање на спортски натрпевари и други културни манифестации на отворено“, изјави Адеми.

Тој информира дека дале задолженија до Министерството за економија да ја разгледа можноста да субвенционира програма за енергетска ефикасност за граѓаните, при замена на стари печки со нови. Градот Скопје да ја разгледа можноста да субвенционира чистење на оџаците кај граѓаните, а потоа да ја информира Владата.

Владата, како што најави Адеми, во вторник повторно ќе се состане да види дали треба мерките да бидат продолжени. Тој изрази надеж дека до тогаш ќе има подобрување на квалитетот на воздухот.