1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел: 2014-та е година на смелите

Кај-Александер Шплц / Александар Методијев31 декември 2013

Ако граѓаните во Германија се ангажирани и политиката остане на курсот, тогаш за Германија и 2014-та година ќе биде добра, оцени канцеларката Ангела Меркел во новогодишното обраќање до граѓаните.

https://p.dw.com/p/1AjNW
Фотографија: David Gannon/AFP/Getty Images

Ангела Меркел во својата традиционална новогодишна порака ги повика Германците да бидат посветени на своите намери и амбиции. „Се осмелувам“ би морало да биде мотото за 2014-та година, рече Меркел во новогодишното обраќање. Таа им се заблагодари на оние кои се ангажираат, дали преку основање фирма или преку покажување на својот талент како уметник, занаетчија или спортист, но и на сите оните кои што се вложуваат преку својата работа или, пак, покажуваат граѓанска храброст.

„Мотивација, ангажман и солидарност“ е она што крајно е „јадрото на нашата земја“, рече Меркел. „Државата може да инвестира и да создаде добри услови. Но, политичарите можат малку да постигнат без сите вас во земјата. Она што секој од нас индивидуално го постигнува во мал обем – тоа влијае на целата наша земја“, изјави Меркел.

„Многу добри вести“

Додека новогодишните говори на Меркел во последните години се карактеризираа со ограничен оптимизам поради европската финансиска криза, сега Меркел зборуваше за „многу добри вести“ во 2013. година. Таа оцени дека Германија може да „држи чекор со острата светска конкуренција“, така што „многу луѓе како никогаш претходно“ имаат работни места и има „многу луѓе кои придонесуваат како волонтери“.

Меркел рече и дека сака „на следните генерации да им биде предадена средена финансиска состојба“, дека „енергетската транзиција кон обновлива енергија успешно ќе се спроведе“ и дека за владата семејствата се „срцето на општеството“. Според Меркел, владата сака да го обезбеди „најдоброто можно образование за децата и младите“.

Меркел оцени дека и Европа игра значајна улога. Таа рече дека Европа за која сонуваа поединци, стана реалност благодарение на напорот на многумина, и таа е сега место на мирот за милиони луѓе.