1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел се надева на придвижување од руска страна

ЕМФ/ртр/дпа2 септември 2013

Германската канцеларка Ангела Меркел смета дека во рускиот став кон Сирија има придвижување. Сириската влада бара заштита од ОН во случај на американски напад.

https://p.dw.com/p/19aHU
Фотографија: picture-alliance/dpa

Германската канцеларка Ангела Меркел, според наводи на учесници на средбата на пратеничката група на владејачките ЦДУ и ЦСУ во Берлин, изјавила дека има „извесна надеж“ оти руската влада ќе го промени ставот кон Сирија. Русија досега одбива преземање поостри мерки против сириското раководство, но канцеларката на седницата на пратеничката група укажала дека Москва на викендот откажала извесни пратки со оружје за сириската армија. Освен тоа, канцеларката пред пратениците на владејачките партии во Берлин рекла и дека е можно да има приближување на ставовите на претстојниот самит на Г20 во Санкт Петербург.

Сириската влада бара заштита од ОН

Владата во Дамаск во меѓувреме од ОН побара заштита од евентуален воен напад на САД. Сирискиот амбасадор во Њујорк Башар ал-Џафари во писмо до генералниот секретар на ОН наведува дека Бан Ки Мун има одговорност за тоа Сирија да не биде нападната и дека треба да се ангажира посилно за наоѓање политичко решение на проблемот. Џафари, според агенцијата Сана, во писмото наведува дека сириското раководство не употребило отровен гас во борбата против бунтовниците и дека таквите тврдења на американскиот министер за надворешни работи Кери се потпираат врз „стари приказни, фабрикувани од терористите“.