Меркел размислува за бојкот на ЕП во Украина
29 април 2012Според текст објавен во „Дер Шпигел“, Меркел сака да им препорача на своите министри да се држат на страна од фудбалските натпревари во Украина, ако лидерката на опозицијата Јулија Тимошенко не биде ослободена. Првенството е организирано заеднички од Полска и Украина и треба да започне на 8-ми јуни.
Во најдобар случај, како што најави минатата недела, министерот за внатрешни работи Ханс-Петер Фридрих во својство и на министер за спорт би можел да учествува на мечот Германија-Холандија, што треба да се одигра во Харков, ако претходно му биде дозволено да ја посети Тимошенко.
Во меѓувреме, ќерката на затворената украниска лидерка на опозицијата Јулија Тимошенко преку драматичен апел побара од германската влада да застане зад нејзината тешко болна мајка.
Јевгенија Тимошенко за „Франкфуртер Алгемајнен Сонтагсцајтунг“ изјави дека ако мајка и’ почине, тогаш ќе почине и демократијата во нејзината земја. Таа рече дека германската влада треба да побара од ЕУ ограничување на патувањето на членови на украинската влада. Според нејзините зборови, сепак Јулија Тимошенко одбива бојкот на европското фудбалско првенство во Украина.
Вклучувањето на други земји „за Киев е болен трн во окото“, рече еврокомесарот за проширување Штефан Филе во изјава за весникот „Велт ам Зонтаг“.
Дополнителниот процес против Јулија Тимошенко беше одложен за 21-ви мај. Таа е обвинета за затајување данок и проневери.