Меркел остро го критикува вербалниот испад на Нуланд
7 февруари 2014Изјавата е „апсолутно неприфатлива“, нагласува портпаролката на германската влада Кристијане Вирц, цитирајќи ја канцеларката Меркел. Канцеларката е на мислење дека високата пратеничка на ЕУ Кетрин Ештон врши „извонредна работа“ и ЕУ и натаму ќе прави напори за смирување на ситуацијата во Украина, рече Вирц денеска (07.02) во Берлин.
Викторија Нуланд, која е одговорна за одделот Европа во американското Министерство за надворешни работи, во телефонски разговор со американскиот амбасадор во Киев, чиј дел е објавен на Јутјуб, бара трагањето по политичко решение за Украина да се подигне на ниво на ОН. Нејзината изјава завршува со зборовите „Fuck the EU“.
САД ја обвинуваат Русија дека стои зад објавувањето на доверливиот разговор на Нуланд. Американската дипломатка, според Министерството за надворешни работи во Вашингтон, им се извинила на европските партнери. Министерството за надворешни работи во Берлин не добило американско извинување, изјави портпарол на Министерството. Тој додава дека посоодветна адреса за извинувањето би била ЕУ. Коментирајќи го објавениот разговор, портпаролот на Министерството за надворешни работи вели дека случајот уште еднаш покажал дека „прислушувањето е глупаво.“