1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел канцелар, другите кадровски решенија подоцна

11 октомври 2005

Минтеферинг задоволен од она што постигна СПД во преговорите со партиите на Унијата

https://p.dw.com/p/AcC6
Ангела Меркел
Ангела МеркелФотографија: dpa - Bildfunk

Германија треба да добие влада на голема демохристијанско-социјалдемократска коалиција предводена од Ангела Меркел како канцелар - решението беше донесено вчера, а веќе од денеска се на дневен ред подготовките за почеток на коалиционите преговори, закажан за наредниот понеделник.

„Обете партии покажаа дека сериозно ја сфатија желбата на германските избирачи за вложување заеднички напори за луѓето во Германија. Јас сум цврсто решена, и тоа со оптимизам и безусловна волја, да се зафатам со тоа и да направам нешто добро за нашата земја“ – рече идниот канцелар Ангела Меркел откако раководствата на обете страни дадоа согласност за договорот постигнат на средбите на Меркел и Едмунд Штојбер со канцеларот Герхард Шредер и претседателот на СПД Франц Минтеферинг.

Цената на победата на Меркел во борбата за канцеларската функција е висока: социјалдемократите ќе имаат осум министерски места, ЦДУ и ЦСУ само шест ресори, плус еден министер без ресор.

„Ние постигнавме голем успех во прелиминарните разговори што ги имавме последните денови. Но, тоа е сепак помалку од она што го имавме досега“ – рече Минтеферинг.

Според него, се’ уште не е решено за носителите на функциите – со тоа прашање прво ќе се занимава претседателството на партијата и дури потоа на јавноста ќе и’ бидат соопштени решенијата. За себе тој не исклучи можност да биде член на идниот владин кабинет, иако, како што рече, радо ги врши сегашните функции на претседател на партијата и шеф на фракцијата на СПД во Бундестагот. Неизвесна е политичката иднина на досегашниот канцелар Герхард Шредер, но тој во секој случај ќе учествува во претстојните коалициони преговори.

Кај партиите на Унијата сигурно е само дека претседателот на ЦСУ Едмунд Штојбер ќе биде министер за стопанство, технологија и европски прашања. „Новокомпонираното министерство го сметам за голема шанса за креирање стопански замав во Германија. И’ се радувам на таа задача. Мислам дека можам да внесам и нешто од моето искуство од Баварија за една динамична економска политика за цела Германија“ – рече Штојбер.

Првиот чекор е направен, но најтешкото допрва претстои: изнаоѓање заедничка содржинска линија. Иако се утврдени заеднички допирни точки во финансиската и во политиката на пазарот на работна сила, кај реформата на федерализмот и во областа на образованието, сепак следи ценкање и надмудрување, за да се внесе во коалиционата програма колку што е можно повеќе од сопствената политика.

Јудит Хартл