1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел и Путин го отвораат Индустрискиот саем

Роман Гончаренко / Елизабета М. Фиданоска7 април 2013

Партнер на Индустрискиот саем 2013 во Хановер е Русија. Германско-руските економски односи, кои инаку бележат бум, во моментов се оптоварени со политички проблеми.

https://p.dw.com/p/18AKq
Фотографија: dapd

Партнерството на саемот со Руската Федерација доаѓа во вистинско време, нагласува Ангела Меркел. „Во моментов се одржува Руска година во Германија, но и Германската година во Русија“, вели германската канцеларка во својот поздравен збор на интернет страницата на саемот. Двете манифестации се под мотото „Германија и Русија - обликување на заедничка иднина“. „Саемот во Хановер 2013-та нуди извонредна можност да ги исполни со живот ваквите замисли“, вели канцларката.

В денеска (07.04) Меркел ќе зборува на отворањето на саемот во Конгресниот центар во Хановер. Таму ќе биде и рускиот претседател Владимир Путин. Во понеделник (08.04) Путин и Меркел заедно треба да направат обиколка на штандовите и веројатно ќе отворат германско-руски економски самит.

Политичките тензии се товар

Средбата на Меркел и Путин е засенета од актуелни политички проблеми. Германската влада изрази загриженост поради постапките на руските власти против германските фондации во Москва и Санкт Петерсбург. Руски службеници на крајот на март контролираа голем број невладини организации, меѓу кои и фондацијата Конрад Аденауер, која е блиска на владејачката Христијанско-демократска унија на Меркел и фондацијата Фридрих Еберт, која е блиска на германските социјалдемократи, и притоа привремено заплени компјутери и документи.

Заменикот портпарол на германската влада веќе најави дека при средбата со Путин во Хановер нема да биде пропуштено да се разговара на оваа тема. И Министерството за надворешни работи во Берлин соопшти дека сојузната влада го следи развојот во Русија со загриженост и дека акцијата против фондациите останува на дневен ред. Кремљ во меѓувреме изрази подготвеност да даде објаснувања на сите прашања кои ја интересираат германската канцеларка.

Bundeskanzler Gerhard Schroeder, links, und der russische Praesident Wladimir Putin, 2. von links, waehrend des offiziellen Eroeffnungsrundganges auf der Hannover Messe in Hannover
Русија беше земја партнер на саемот во Хановер и во 2005 година - на фотографијата тогашниот германски канцелар Герхард Шредер и рускиот претседател Владимир ПутинФотографија: AP

Од „Газпром“ до „УралВагонЗавод“

Актуелниот политички судир меѓутоа не влијае врз интензивните економски контакти меѓ Русија и Германија. За помалку од 10 години Русија по вторпат е земја партнер на Индустрискиот саем во Хановер, кој важи за најголем од овој вид во светот.

Русија годинава е застапена со рекорден број излагачи. Има повеќе од 100 излагачи, меѓу нив и „Газпром“, Руската железница и „УралВагонЗавод“, производител на тенкови, вагони и трактори. Цела низа руски региони, меѓу кои и подрачјата на Ленинград, Тула и Новосибирск, претставуваат сопствени проекти. Својот фокус Русија во Хановер го става на енергијата, машинството, нови суровини и индустриска автоматизација.

Големи очекувања

„Очекуваме Русија да се претстави на нов, подинамичен и помодерен начин“, изјави за ДВ Кристијане Шухарт од Источниот одбор на германската економија (заеднички орган на здруженијата на германското стопанство за застапување на интересите на германските фирми во Источна Европа, н.з.). Според Шухарт, руската економија во странство се смета за многу зависна од суровини. Сега на саемот во Хановер Русија ќе претстави и други свои сектори, вели Шухарт.

Учеството на Русија на саемот доаѓа во време на неверојатно голем скок на трговска размена меѓу Германија и Русија. Според Источниот одбор на германската економија, германското стопанство во 2012 година достигнало рекорден трговски волумен од над 80 милијарди евра. Источниот одбор проценува дека ваквиот тренд ќе се задржи.