Меркел и во еврокризата не се откажува од демократијата
6 август 2012Германската канцеларка Ангела Меркел стриктно го одбива слабеењето на улогата на парламентите во европската политика. Заменикот владин портпарол Георг Штрајтер во името на канцеларката, која е на одмор, изјави:
„Став на канцеларката е дека нам во Германија всушност секогаш добро ни оди преку вистинската мерка во поддршката преку и учеството на парламентот. Не напразно во последно време добивме неколку укажувања од Уставниот суд дека парламентот е премалку вклучен во одлуките“.
Штрајтер укажа и на уставот, според кој секоја државна одлука мора да има „демократска легитимација“.
Монти предупреди од распад на ЕУ
Италијанскиот премиер Марио Монти за германскиот неделник „Шпигел“ изјави дека во справувањето со еврокризата европските влади треба да имаат повеќе одврзани раце во однос на своите парламенти.
„Ако владите целосно се врзат на одлуките на своите парламенти, без да го зачуваат сопствениот маневарски простор, распадот на Европа е поверојатен отколку нејзина интеграција“, смета Монти.
Италијанскиот премиер и поранешен еврокомесар изјавата ја даде во контекст на предупредување од распад на ЕУ.
„Тензиите кои последниве години ја следат еврозоната, веќе носат во себе трагови на психолошко растурање на Европа“, изјави 69-годишниот политичар:
„Ако еврото стане фактор на европско разијдување, „тогаш е уништен темелот на проектот Европа“.
Партиска критика од Берлин
Уште пред јасните зборови на Меркел, стојалишатта на Монти во Берлин наидоа на остро спротиставување од страна на политичките партии. Министерот за надворешни работи Гидо Вестервеле истакна дека парламентарната контрола врз европската политика „е над секаква дискусија. Нам ни треба зајакнување, а не заслабување на демократската легитимација во Европа“.
Шефот на пратеничката група на Социјалдемократската партија Јоахим Пос за „Рајнише пост“ од Диселдорф вели:
„Прифаќањето на еврото и неговиот спас преку националните парламенти само го јакне, а не го ослабува“.
Вообичаено драстично се изјасни баварската Христијанксо-социјална унија. Нејзиниот генерален секретар Александар Добринт го обвини италијанскиот премиер за недоволно разбирање на демократијата.
„Алчноста по германски пари го тера господинот Монти кон недемократски средства“, изјави Добринт за весникот „Ди велт“.
„На господинот Монти очигледно му треба јасен германски став-дека ние Германците не сме подготвени да ја суспендираме нашата демократија заради финансирање на италијанските долгови“.