1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел и Буш за „најжешките’ светски теми

9 ноември 2007

Германската канцеларка Ангела Меркел денеска ќе престојува цели 20 часа на ранчот на американскиот претседател Џорџ Буш во Крафорд. Една од темите на средбата ќе биде спорот со атомската програма на Иран

https://p.dw.com/p/C73t
Меркел и Буш при средбата на Г8 во ХајлигендамФотографија: AP

Ангела Меркел и Џорџ Буш добро се разбираат. Американскиот претседател знае да каже дека кога германската канцеларка нешто му вели, тој многу внимателно ја слуша. Овој пат Меркел ќе има тешка задача да се обиде да го увери Буш оти проблемот со Иран се‘ уште може да се надмине по дипломатски пат. Позицијата на германската влада околу овој меѓународен проблем таа ја соопшти во септември на Генералното собрание на ОН:

„Германија заедно со нејзините партнери се залага за дипломатско решение. Во тој контекст ќе се реши за тоа какви поостри санкции треба да се донесат, доколку Иран не попушти.„

Кусо потоа светот се вознемири од изјавата на Џорџ Буш во врска со истиот проблем:

„Во Иран има лидер кој најави дека сака да го уништи Израел. Затоа на моите соговорници им реков дека ако се заинтересирани да ја одбегнат Третата светска војна, тогаш треба да го спречат Иран да се стекне со технологија за производство на атомско оружје.„

Војна или дипломатија

Во Вашингтон се забележува јакнење на позицијата на политичките сили кои заговараат воено решение за Иранската криза. Затоа канцеларката на денешните разговори ќе се обиде да му појасни на американскиот претседател какви последици би можел да има воениот удар против исламскиот режим во Иран. За домаќинот на средбата во секој случај ќе биде од посебен интерес да дознае од прва рака како ќе се постави германската влада во случај Русија и Кина да го блокираат диопломатското решение за кое се залага официјален Берлин. Висок претставник на американската администрација изјави дека таа нема намера да врши притисок врз Германија да врши рестрикции во трговијата со Иран. А во Вашингтон официјално никој не знае дека Берлин критички гледа на неодамнешните еднострано воведени санкции на владата на Буш против иранските банки.

Може ли Меркел да влијае на Буш?

По прашањето на Иран ќе се види во крајна линија дали и во колкава мера Ангела Меркел може да влијае врз Џорџ Буш. Таа со големо внимание набљудуваше како францускиот претседател Николас Сакрози пред неколку дена недвосмислено се профилираше во нов голем сојузник на Американците. Саркози имаше прилика да им се обрати на американските конгресмени, а и Претседателот Буш го опсипа со комплименти:

„Имам партнер за мир, некој кој има јасни претстави и вредности, некој кој е подготвен да застане и на тврди позиции за да постигне мир. Ако ме прашувате дали добро се чувствувам со пораките што ми ги донесе францускиот претесдател, тогаш велам дека можете во тоа да бидете уверени!„

Буш и Меркел ќе мораат да разговараат и за проблемот со Косово, чие решавање наближува, барем според роковите на меѓународната заедница. Доколку не се најде компромисно решение, тогаш може да избувне конфликт, при што германските војници и полицајци ќе се најдат директно во котелот.