Меркел е против поголема моќ за Брисел
2 јуни 2013Ангела Меркел за магазинот „Шпигел“ изјави дека не „гледа неопходност“ за зголемување на овластувањата на Европската комисија во наредните години. Германската канцеларка рече дека заедно со францускиот претседател Франсоа Оланд е на мислење дека членките на Европската унија треба подобро да ја координираат својата политика, особено економската - политиката на пазарот на работна сила, пензиската политика, но и даночната и социјалната политика. Економско-политичката координација во Европа е „преслаба“ и мора да се зајакне, оцени Меркел, нагласувајќи дека тоа сепак не значи „повеќе компетенции за Брисел“.
Германската канцеларка истовремено се изјасни и против директен избор на претседател на Европската комисија. „По тоа прашање сум воздржана“, рече Меркел. „Претседател на Комисијата кој би бил избран директно од народот би морал да има и сосема поинакви овластувања отколку што сега е случај“, додаде канцеларката. Тоа, меѓутоа, „би го нарушило балансот во ЕУ“, оцени Ангела Меркел за „Шпигел“.