Меркел е против обврски за Грција кои се игнорираат
16 јуни 2012Меркел инсистира Европјеците да запрат со преземањето обврски кон Грција, бидејќи Грците потоа ги игнорираат.
„Ветено, прекришено, ништо не се случува – работите вака не можат да продолжат во Европа. Она што излегува на крај е дека оние кои не се држат до договорот, така да кажам, ги влечат останатите за нос. Тоа нема да може така“, рече германската канцеларка Меркел.
И министерот за економија и заменик канцелар Филип Реслер предупреди дека Грција мора да се држи до договорите.
„Секоја идна влада ќе мора да продолжи со договорените мерки за штедење и со реформскиот курс. Без реформи нема да има дополнителни пари“, рече Реслер.
Резултатот од изборите во Грција е важен за еврозоната, бидејќи излегувањето на земјата од монетарната унија би можело да ја загрози целата еврозона. На таков став е и претседателот на Еврогрупата и премиер на Луксембург Жан Клод Јункер, според кого резултатот од изборите е многу важен.
„Доколку победи радикалната левица, што не може да се исклучи како можност, последиците за евроозната би биле огромни. Ние ќе мораме да разговараме со секоја влада. Можам само да предупредам на опасноста од одлучувањето за излез од монетарната унија. Со тоа внатрешната кохезија на еврозоната би била загрозена“, објасни Јункер во интервју за виенскиот весник „Курир“.
Според него, Грците мораат да бидат свесни дека со истапувањето на земјата од еврозоната, независно од економските и социјалните последици по неа, би се предизвикала штета во монетарната унија. Јункер истакна и дека на Грците мора да им биде јасно оти е „смешна“ помислата борбата против долговите да се води со уште поголеми државни долгови и буџетски дефицит, потенцирајќи дека за суштината на програмата за штедење со Грција не може да се преговара.
Во земјата вчера вечер заврши предизборната кампања. Најголема шанса да победат на овие избори имаат Коалицијата на радикалната левица – СИРИЗА и конзервативната Неа демократија, кои се изедначени на последните анкети. Анкетите покажуваат дека веројатно во парламентот ќе влезат седум партии.