1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел го истакна значењето на Велика Британија за ЕУ

АТ/ ард/ дпа27 февруари 2014

Германската канцеларка Ангела Меркел пред двата дома на британскиот Парламент нагласи дека на Европа и е потребна „силна Велика Британија“. При посетата на Лондон, Меркел разговараше и со премиерот Дејвид Камерон.

https://p.dw.com/p/1BH4m
Фотографија: Reuters

Германската канцеларка Ангела Меркел на почетокот на својата посета на Велика Британија ја нагласи „европската определба“ на земјата. Укажувајќи на својот говор пред двата дома на британскиот парламет Меркел рече дека е многу свесна за честа која и е укажана. Поканата ја гледа „како израз на тесните односи меѓу двете земји“.

„Потребна ни е силна Велика Британија“

Меркел притоа истакна дека говори пред претстваници на една институција, која била „колевка на модерниот парламентаризам“. Освен тоа на Европа и е потребна „силна Велика Британија со силен глас во ЕУ“. „Нашите претстави за идниот развој на Европската унија во детали можат постојано да се разликуваат, но ние, Германија и Велика Британија споделуваме иста цел, силна, конкурентна Европска унија, која ги сврзува своите сили“, изјави Меркел во однос на критиката од Лондон за Брисел.

Освен тоа Меркел опомена од натамошни консеквенции од финансиската криза за европските пазари на капиталот: „Никогаш повеќе даночните обврзници не треба да носат одговорност за грешките на банките и финансиските институции“, рече канцеларката.

„Се поклонувам пред жртвите“

Потоа Меркел укажа на британскиот ангажман во Првата Светска Војна и во Втората Светска Војна и потсети на жртвите од оваа земја. Велика Британија оваа година им оддава почит пред сѐ на „мртвите, на загубите и на бескрајната болка, кои во овие војни ги запозна преку Германија“.

„Како германска канцеларка се поклонувам пред жртвите од овие страшни војни“. Меркел го истакна отпорот на Британците против нацистичкото насилно владеење. „Што би било од Европа денес, доколку вашиот народ тогаш така храбро не пружеше отпор, извесен период, сосем сам?“

Разговор во четири очи

По говорот пред двата дома на британскиот Парламент германската канцеларка оддржа средба со шефот на владата во Лондон Дејвид Камерон. По средбата британскиот премиер се заложи за натамошни реформи на ЕУ. Камерон нагласи дека и натаму важи девизата да се отвораат нови работни места и да се надградува конкурентноста. За тоа идната Комисија на ЕУ ќе треба да започне соодветни реформи, рече Камерон и дополни дека по ова прашање Велика Британија и Германија имаат единствен став.

Angela Merkel und David Cameron in London
Ангела Меркел и Дејвид КамеронФотографија: Reuters

На прес-конференцијата Велика Британија и Германија за кризата во Украина го нагласија територијалното единство на земјата. Британскиот премиер Камерон истакна дека тој и канцеларката Меркел поддржуваат една единствена Украина. Секоја земја треба да го признае суверенитетот на Украина. Светот ќе внимава на тоа како се однесува Русија. Меркел од своја страна му вети поддршка на новиот украински премиер Арсени Јацењук. Со оглед на тешката економска состојба на земјата била неопходна и соработка со Меѓународниот монетарен фонд.

Попладнево канцеларката Меркел во Бакингамската палата ќе се сретне и со кралицата Елизабета Втора, по што се враќа во Берлин.