1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел го бара одземеното културно богатство

Александар Методијев/ројтерс/дв22 јуни 2013

Вчера вечер германската канцеларка Ангела Меркел му кажа на рускиот претседател Владимир Путин дека одземените германски уметнички дела, за време на Втората светска војна, треба да и се вратат на Германија. Путин одбива.

https://p.dw.com/p/18uNp
Фотографија: Reuters

Ваквата тензична размена на зборови се случи за време на отворањето на изложбата во музејот Ермитаж во Санкт Петербург. Изложбата на предмети од бронзената ера вклучува и 600 предмети кои биле донесени од страна на Советскиот сојуз како воени репарации, смета германската влада. Меркел изјави дека е направен значаен чекор со тоа што предметите сега за првпат се изложени во јавноста.

„Нашиот став е дека овие изложбени предмети треба да и’ се вратат на Германија“, рече германската канцеларка.

Путин одговори дека е дојдено време да се запре со меѓусебно обвинување за репарации, бидејќи во спротивно Турција би можела да побара од Германија да и' го врати нејзино културно богатство. Рускиот претседател изјави дека на просечниот граѓанин не му е важно дали уметноста е прикажана во Берлин, Санкт Петербург, Москва или Турција.

Во текот на вчерашниот ден, пред отворањето на изложбата, заменик портпаролот на германската влада Георг Штрајтер изјави дека руската страна го откажала настанот, бидејќи „не беше можно за домаќинот да најде време“. Сепак, на прес-конференцијата во текот на денот канцеларката Меркел изјави дека несогласувањата се отстранети „како резултат на разговорот со претседателот“.

Ausstellung "Bronzezeit - Europa ohne Grenzen" St. Petersburg Merkel Putin
Меркел и Путин на изложбата во ЕрмитажФотографија: REUTERS/Mikhail Klimentyev/RIA Novosti/Kremlin

Инаку, изложбата во музејот Ермитаж, насловена „Бронзената ера во Европа: Европа без граници“, за јавноста се отвора денеска (22.06.) кога се одбележува годишнината од нацистичката инвазија на Советскиот сојуз.

Според Универзитетот Хумболд во Берлин, советските војници одземале повеќе од милион книги и илјадници уметнички дела на крајот од војната. Многу од овие уметнички предмети се’ уште не се лоцирани и претставуваат чувствително прашање меѓу двете земји.

Претседателот Путин веќе изјави дека смета оти ова е „многу чувствително прашање за цивилните општества во двете земји“. „Така што ако сакаме некаков прогрес не би требале проблемот да го предимензионираме, туку да бараме начини да го решиме“, рече Путин додавајќи: „Веројатно сега не би требале да почнуваме дискусија, бидејќи луѓето ќе застанат на руска страна и ќе направат проценка на шетата направена на нашата уметност за време на Втората светска војна“.