1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

МекКејн ја наголеми предноста, и натаму изедначена трка меѓу Обама и Клинтон

Зоран Јордановски6 февруари 2008

Американскиот изборен супер-вторник донесе главно очекувани резултати. На партиските предизбори за претстојните претседателски избори во САД овој пат се гласаше во 24 сојузни држави истовремено.

https://p.dw.com/p/D3Dh
На најдобар пат кон претседателска номинација: Републиканецот Џон МекКејнФотографија: AP
Трката за претседателска кандидатура останува возбудлива. Според пребројувањето на речиси сите гласови во 24-те сојузни држави, кај Демократите продолжува трката „рамо-до-рамо“. Сепак, од супер-вторникот може да биде позадоволна Хилари Клинтон, која успеа да победи во Њујорк, каде е и сенатор, и - наспроти сите прогнози - и во Калифорнија. Тоа се две држави со голем број население, што на Клинтон и’ донесе повеќе делегатски места и гласови за конвенцијата на која Демократите на крајот на август дефинитивно ќе го номинираат својот претседателски кандидат. „Заеднички повторно ќе ја освоиме Америка“ - рече Хилари Клинтон во Њујорк. Таа ноќеска победи во 8 сојузни држави - покрај Њујорк и Калифорнија, уште и во Арканзас, Аризона, Масачусетс, Њу Џерси, Оклахома, Тенеси. Хилари вкупно собра поголем број делегатски места, иако нејзиниот конкурент Барак Обама всушност, според досега познатите резултати, победи во повеќе држави - 13. „Гласовите штотуку се бројат во цела Америка, но во оваа февруарска ноќ не мора да го знаеме конечниот резултат - нашето време дојде“ - победнички настапи Обама пред своите приврзеници. Од нивните штабови се смета дека на крајот по супер-вторникот разликата меѓу нив ќе остане иста. Последниот меѓубиланс гласи: Хилари Клинтон има досега сигурни 626 делегатски гласови, а Барак Обама 531. За победа и претседателска номинација кај Демократите се потребни минимум 2025 гласови.
Кај Републикаците - потврда на водечката позиција на Џон МекКејн
Тој победи во најнаселената американска сојузна држава Калифорнија, како и во големите држави на источниот брег. Но, засега неговите конкуренти Мит Ромни и Мајк Хакаби не се откажуваат од трката. МекКејн има 504 гласови, неопходниот минимум кај Републиканците изнесува 1191 делегатски глас. Мит Ромни досега собра 200, Хакаби 142 гласа. Ноќеска МекКејн победи во 9 држави. „Ви благодарам, пријатели. Постигнавме значаен број импозантни победи. Победивме во некои од најголемите држави во земјава. Никогаш не се гледав себе си во втор план, но мислам дека сега мора да се смета на тоа дека Републиканската партија има главен кандидат за претседателска номинација“ - рече Џон Меккејн во Аризона откаде потекнува. Инаку, Ромни победи во шест, Хакаби во пет држави. Кај Републиканците сите делегатски гласови во една сојузна држава ги добива победникот. Независно од тоа како ќе се одвиваат работите во предизборите во преостанатите сојузни држави во март и почетокот на април, веќе сега е јасно дека овие избори имаат посебно значење: Демократите за прв пат ќе кандидираат за претседател жена или црнец, Републиканците би го имале најстариот претседател ако победи 71-годишниот МекКејн, додека Ромни е првиот мормон кој се кандидира за претседател на САД.