Меимаракис ќе работи на клима на доверба
17 август 2012„Верувам дека развојот на добрососедските односи е од огромно значење. Довербата којашто е изградена врз основа на конструктивни активности и вистински намери е најдобар начин да се осигури ветувачка и светла иднина за сите граѓани од нашиот регион“, вели претседателот на Парламентот на Република Грција Евангелос Василеос Меимаракис во одговорот до неговиот македонски колега Трајко Вељаноски, по повод честитката за неговиот избор на функцијата.
Првиот човек на грчкиот парламент со ветување дека ќе работи на креирање клима на доверба меѓу Република Грција и Република Македонија.
„Како претседател на грчкиот парламент ќе ја употребам моќта којашто ми е доделена од граѓаните за да го олеснам креирањето клима на доверба и соработка меѓу нашите две земји“, вели Меимаракис.
Тој се заблагодарува и на поканата да ја посети Македонија, којашто, како што вели, многу сериозно ќе ја разгледа во рамките на неговите обврски.
Евангелос Василеос Меимаракис, кој е член на Нова демократија, беше избран за спикер на новиот состав на грчкиот Парламент на крајот од јуни.