1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Медијацијата- решение за германското судство

31 декември 2011

Приватните и бизнис конфликти не мора нужно да се решаваат пред суд. Германскиот парламент го поддржа донесувањето на законот со кој ќе им се дадат уште поголеми овластувања на медијаторите.

https://p.dw.com/p/13Tcx
Фотографија: Fotolia/endostock

Медијацијата веќе придонесува за решавање на околу 20 илјади случаи надвор од германскиот правосуден систем годишно. Со изгласувањето на новиот закон во Бундестагот, медијацијата ќе добие нова законска тежина и уште подетално ќе се дефинира улогата на медијаторите.

„Ова ќе значи поголема сигурност за клиентите и наша поголема легитимност“, вели Кристоф Паул, поранешен портпарол на германското Здружение за семејно медијаторство.

Како функционира медијацијата?

Deutschland Mediation NLP Coaching
Медијацијата најчесто се користи во бракоразводните парнициФотографија: Fotolia/Ria Gürtner

Медијацијата притоа може да помогне секому. На пример, еден муштерија се лизнал пред влезот на супермаркет и тешко го повредил ’рбетот. Остатокот од животот морал да го мине во инвалидска количка, поради што го загубил работното место. 47-годишниот потоа го тужел супермаркетот поради тоа што по несреќата останал и без работа. Барал отштета од 750 илјади евра затоа што надлежните во маркетот не го почитувале правилото за обврзно чистење на површината пред дуќаните во зимските месеци. Освен отштетата, барал и дополнителна медицинска помош, преуредување на неговата куќа и нов автомобил- за лица со инвалидитет. За да го избегне долгогодишниот спор, менаџерот на маркетот во потрага по вонсудско решение повикал медијатор. И, неговата работа вродила со плод. Правниот спор бил решен. Супермаркетот го вработил 47-годишникот на неодредено време како лице со статус на тежок инвалид и му исплатил отштета од 75 илјади евра.

Ова е само еден вистинит пример за тоа како може да му се олесни работата на преоптовареното германско судство. Кој сака да покрене постапка пред некој Општински суд во земјата, мора да чека најмалку 4,5 месеци. Кај повисоките судови времето за чекање е и до двапати подолго. А ризикот дека може да се доживее пораз, па со тоа да се сносат и судските трошоци, е голем. Токму поради тоа, медијацијата станува атрактивна алтернатива: таа штеди и пари и време, а притоа ги растоварува и судовите.

Намалени трошоци

Медијацијата досега се користеше во трудовото и во стопанското право, но најчесто во семејното право. Уште еден успешен пример е случајот на двајца полубраќа кои биле во конфликт околу наследството на семејната куќа. По само пет сесии со медијатор, тие успеале да постигнат договор. Притоа и сумата која ја платиле е далеку помала од онаа која би морале да ја издвојат доколку случајот завршел пред суд. Медијаторите, во просек, заработуваат по 250 евра на час, што значи дека полубраќата заштедиле огромна сума пари за судски трошоци.

Deutschland Mediation Beratungsgespräch
Фотографија: Fotolia/endostock

Главна цел на медијацијата е да се пронајде компромис. Медијаторот, се разбира, не застапува ниту една од страните, туку е неутрален. Најчесто тие се адвокати, но во одредени случаи можат да бидат и психолози или социјални работници. Проблемот досега беше што титулата медијатор во Германија не беше заштитена со закон, што значеше дека секој може да се прогласи за медијатор.

И покрај тоа што медијаторите не смеат да даваат правни совети, медијацијата се покажува како успешна во 80 до 90 отсто од случаите.

Автор: Матијас фон Хелфелд/ Борис Георгиевски

Редактор: Александра Трајковска

Редактор: