1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Медиуми: Јордан спречил напади на Ал Каеда

ЖА/дв/ афп/дпа/ртре22 октомври 2012

Јорданската тајна служба, според извештај на државната телевизија, уапсила 11 лица, кои планирале напади низ целата земја со цел да убијат што е можно поголем број луѓе.

https://p.dw.com/p/16UE6
Фотографија: Getty Images

Јорданските безбедносни власти, според нивни наводи, откриле и спречиле план на Ал Каеда за дигање во воздух на трговски центри и убиства на западни дипломати. Во врска со заговорите, во кои жртви веројатно требало да бидат илјадници луѓе, уапсени се 11 лица, јави државната телевизија. Групата веќе од почетокот на јуни работела на подготовка на нападите.

Претставник на службите за безбедност соопшти дека екстремистите се снабдиле со оружје од Сирија. Кај нив биле пронајдени машинско оружје, појаси со експлозив и фрлачи на гранати, како и планови на целите на нападите, соопшти јорданскиот министер за информации Самих Маајатах. Групата имала врски со терористичка група на Ал Каеда од Ирак, а била уапсена непосредно по доаѓањето од Сирија. Таа била поддржана од сириските исламисти.

„Ги истражуваме сите можни правци, во нив спаѓа и учество на сириската влада“, изјави претставник на јорданската тајна служба за новинската агенција ДПА.

Од кругови на судството се дознава дека уапсените се Јорданци блиски на салафистичкото движење. Тие се обвинети за „заговор со цел извршување терористички напади“ и „поседување и употреба на забранети материјали“.

Уапсените лица имале контакти и со огранок на Ал Каеда кој е одговорен за бомбашките напади врз луксузни хотели во Аман во 2005 година, во кои загинаа најмалку 60 луѓе.

Јордан е важен сојузник на САД и постојана цел на напади на Ал Каеда.