1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Медиумите најмногу сами си ја ограничуваат слободата

Горан Петрески6 јуни 2007

Интервју со Сали Броутон, портпарол на Набљудувачката мисија на ОБСЕ во Скопје

https://p.dw.com/p/Aofb
Фотографија: AP

Госпоѓо Броутон освен за изборниот процес и малцинствата, ОБСЕ еднакво се интересира и за медиумите. Како ја оценувате моменталната состојба во оваа сфера?

Броутон: „Мисијата на ОБСЕ во Скопје во медиумскиот сектор е инволвирана од 2002 година кога беше создаден Одделот за развој на медиуми. Причината за ова беше анексот во Охридскиот договор во кој ОБСЕ се повикува да го поддржи развојот на медиумите, особено јавниот сервис. Во моментов електронските медиуми во земјава можат да се оценат и позитивно и негативно: има голем плурализам, постојат многу гласови што можат да се слушнат, има многу различни групи коишто се застапени во медиумите, но од друга страна има премногу приватни медиуми што им отежнува да преживеат на медиумскиот пазар, да бидат одржливи и да можат да обезбедат независност. Истовремено јавниот радиодифузер, којшто во оваа земја игра многу важна улога, особено во зачувувањето на културниот идентитет како на мнозинството, така и на малцинските групи во земјата, во моментов се наоѓа во период на неизвесност и страда од големи финансиски тешкотии, се бори внатрешно да се трансформира, се труди да постигне политичка независност како јавен радиодифузер. Ова е многу тешко време за јавниот сервис во смисла на исполнување на задачите од мандатот што МРТ го има.

Што се однесува до печатените медиуми, ситуацијата е слична. Имаме значителен број печатени изданија; и тие постојано се борат за да опстанат, а тоа ги прави ранливи. Исто така некои работи, како што е нивното печатење, дистрибуцијата и сл. коишто не се рационализирани, поради тоа што овој сектор не може да соработува на тоа ниво – повеќето од издавачките куќи ги извршуваат сами.“

Колку медиумите во Македонија се професинални, а колку независни и слободни?

Броутон: “Честопати го користиме терминот „приватни медиуми“ наместо „независни медиуми“. Ова е случај насекаде во светот, не само овде. Самото тоа што се финансираат приватно, не значи веднаш дека се независни. Постојат различни влијанија. На пример во земјава приватните медиуми најчесто добиваат финансиска поддршка или од големи корпорации, коишто на некој начин се поврзани со политички партии или од страна на индивидуи кои ги финансираат медиумите преку други бизниси, зашто самите медиуми за нив не се одржлив бизнис. Во смисла на независност, не можете да кажете дека некој медиум е целосно независен од политички или бизнис интереси. Ова важи за секаде на светот, не е проблем кој што е специфика само за оваа земја. Она што е важно е тоа што постојат варијации во самиот медиумски пазар: ако во еден медиум имате едно влијание, во друг медиум се забележува друго влијание, така што барем јавноста има содржинска понуда, којашто е балансирана.“

Кој ја ограничува слободата на медиумите?

Броутон: “Мислам дека ќе бидам критикувана што го кажувам ова, но најмногу самите медиуми се ограничуваат. Мислам дека проблемот е степенот на зависност на медиумите од финансирањето на одредена сопственичка структура без разлика дали е поврзана со политичка партија или со поголема компанија, па на овој или оној начин влијае врз медиумите, дали пак постои и самоцензура кај луѓето кои продуцираат содржини, кои сакаат да им се додворуваат или да бидат добри кон нивните финансиери или пак е директна наредба од финансиерот до уредникот – не знам точно да кажам. Мислам дека е очигледно дека кога ги читате, слушате или гледате содржините дека се обоени со бојата на сопственичката структура. Мислам дека ова не е проблем карактеристичен само за оваа земја. Сопственоста на медиумите е прашање кое го следи и нашиот Претставник за слобода на медиумите во сите земји-членки на ОБСЕ, а начин да се реши овој проблем е постоењето на повеќе извори, така ако позицијата влијае на содржините на еден медиум, тогаш опозицијата влијае барем врз еден друг медиум. Со тоа барем публиката има разновидност во медиумската понуда.“

DW-Akademie Bonn: Studio
Фотографија: DW

Сметате ли дека медиумите придонесоа за развојот на демократските процеси во Македонија?

Броутон: “Без медиумите нема да може да постои каков било развој на демократските процеси. Медиумите ви се потребни за тие да бидат глас, а тие можат да бидат и превозно средство на политичките партии за пренесување на нивната порака. Од една страна, медиумите во оваа земја навистина ги пренесуваат пораките на политичките партии и сметам дека се’ повеќе е застапен и гласот на јавноста во медиумите. Претставувањето на различните проблеми на јавноста, на земјоделците, на бизнисмените, на наставниците се гледаат во медиумите, а ова начинот на кој демократијата функционира. Јас би сакала да видам малку повеќе инвестиции во критичкото истражувачко новинарство. Меѓутоа, ова самото по себе следува доколку медиумите се финансиски одржливи и можат да инвестираат во тим на новинари кои работат на одредена сторија неколку дена. Мислам дека ќе дојде и ова.“

Зошто нема странски инвестиции во овој сектор?

Броутон: “Не можете да кажете дека сосема нема странски инвестиции. Групата ВАЦ, којашто се состои од три овдешни весници е значајна странска инвестиција. Слушнав дека има инвестиции во некои локални ТВ-станици, АлСат е странска инвестиција. Постојат печатени медиуми кои што се наоѓаат во сопствеништво на регионални медиумски групи. Исто така не треба да ги гледате медиумите како традиционални радио и тв-станици кои емитуваат преку аналогните предаватели низ државава, тука спаѓаат и кабелските оператори, а тука исто така има инвеститори кои што во периодов влегуваат на пазарот на кабелски оператори, а кои што се доста значајни и можат значително да ја подобрат понудата на кабелски содржини во земјава.“

Дали медумите во кои влезе страснки капитал воведоа европски стандарди во новинарството?

Броутон: “Мислам дека не може да се каже дека тие го имаат постигнато тоа ниво. Сметам дека не е доволно само да се има капитал. Мора дополнително во земјава да се работи на создавање на тело на професионалци; постојат многу медиуми, кои постојано меѓу себе си ги крадат техничарите и новинарите обидувајќи се да ги задоволат сопствените потреби за професионално екипирање. Не се потребни само странски инвестиции туку потребно е и образование на медиумски професионалци. Овде не мислам само на обука на новинари, туку и на камермани, режисери и продуценти, кои навистина недостигаат многу повеќе од новинарите, во смисла на продукција на аудио-визуелни содржини. Навистина им е тешко на медиумите да го најдат соодветниот кадар, кој им е навистина потребен, а кој не е вклучен во новинарско пишување.“

Како да се опорави државната телевизија, кој модел го предлагате за МРТВ да стане јавен сервис?

Броутон: “Првото нешто што треба да се случи е да заживее внатрешниот менаџерски систем и да ја подготви куќата за модерен дигитален начин на работа. Потоа, најважното прашање е наоѓање на стабилен начин на финансирање. Додека од една страна е одличен знак што земјата има желба да инвестира во јавниот сервис преку одобрувања средства од државниот буџет, од друга страна - ова не е некој здрав однос којшто треба да продолжи. Некогаш јавниот сервис ќе треба независно да ги собира сопствените средства, без разлика дали тоа ќе биде претходно утврдена автоматска алокација на средства од буџетот или преку некој данок или пак преку собирање на јавната радиодифузна претплата, како што е сега уредено со законот. Значи потребен е одржлив систем на финансирање што ќе му овозможи на јавниот сервис да биде финансиски независен и да не зависи од некој владин интерес или желба да одобри средства. Ова е клучен сегмент или заштитен штит околу јавниот сервис да се заштити од политичко влијание. Мислам дека исто така треба да се сменат и навиките во смисла МРТ да не се гледа како државен радиодифузер, туку како јавен сервис. Треба да го променат фокусот и да видат дека нивниот глас не треба да оди од власта кон јавноста, туку и од јавноста кон власта и во рамките на јавноста. Мислам дека ова би можело да се случи.“

Како во македонски услови ќе се примени тој систем? Гледачите, но и вработените да сфатат дека МРТВ е јавен, а на државен сервис?

Броутон: “Кога луѓето ги даваат парите, тогаш на кој било начин тој е јавен. Без разлика дали граѓаните ја плаќаат или не радиодифузната претплата или ДДВ, или пак персоналниот данок или кој било друг данок, тој некако стигнува до централниот буџет. И на двата начина, луѓето кои ја плаќаат сметката за МРТ се граѓаните на оваа земја на некој начин. Луѓето кои произведуваат содржини во МРТ, и во телевизијата, во радиото и во онлајн редакцијата одговараат пред јавноста, која што ги плаќа. Можеби во моментов не е баш така, но јавноста мора да ги плати и да каже што сака од нив, а тие да кажат: „Да, во ред, тоа и ќе го добиете.“

Каква е иднината на јавните локални радиостаници во Македонија?

Броутон: “Има 29 јавни локални радио станици. Многу е јасно. Законот којшто беше усвоен во 2005 година му даде 6 месеци на Советот за радиодифузија да предложи решение за локалните јавни станици преку извршена обемна анализа во однос на техничките капацитети, желбите на луѓето кои работат во овие радиодифузери. Постоеја неколку идеи како нивна приватизација, друга идеја беше тие да станат непрофитни, да станат регионални центри на МРТ, значи имаше повеќе идеи кои се разгледуваа и на крајот, земајќи ги предвид нивните желби и информациите што се собраа од терен, беше заклучено тие да бидат приватизирани. Министерството за економија по 6 месеци го започна тој процес, неколку од нив добро се снајдоа, но другите – не. На крајот на овој месец истекува и последниот грејс-период и овие радио станици ќе мораат некако да се затворат. Ова би можело да биде загуба за некои мали заедници каде што нема други приватни медиуми, но сепак се работи за закон и тој мора да се спроведе. На крајот луксузот да се има јавен радиодифузер во заедници од 10 до 20 илјади, или пак 30 илјади жители е многу скап за земја којашто се наоѓа во транзиција и инвестира во други нешта. Многу од нив не се ни подготвени за дигитализација, за преземање на соодветни чекори во текот на следните пет години - рокот за дигитализација е 2012 година. Значи мораат да се најдат други системи за информирање на ова ниво, како преку нови медиуми (заб. нови технологии) или пак преку јавниот сервис.“