Медведев бара „прошка“ за членките на Пуси Рајот
13 септември 2012На 17 август три музичарки од рускиот панк бенд Пуси Рајот беа осудени на двегодишни казни затвор поради протестна акција против денешниот претседател Владимир Путин во московската катедрала како и поттикнување на религиозно мотивирана омраза. Сега рускиот премиер Дмитриј Медведев изјави дека му се чини „непродуктивно“, доколку жените минат уште повеќе време в затвор. Тие имале доволно време да размислат за она што се случило. Условна казна би била доволна, смета Медведев, кој и самиот е правник. Истовремено на средбата со членови на владејачката партија Обединета Русија, Медведев се дистанцираше од трите критичарки на Путин.
Надеж за ослободување?
Одбраната на осудените музичарки ги поздрави изјавите на Медведев. Ставот на премиерот е коректен и одбраната го поддржува, изјави адвокатот Николај Полосов за агенцијата Интерфакс. Адвокатите на бендот на 1. октомври сакаат да поднесат барање за второстепена постапка.
Набљудувачите оценуваат дека изјавите на Медведев речиси и да нема да имаат никакво влијание врз претстојната одлука. Политикологот Евгени Волк уверен е меѓутоа дека зборовите на Медведев „го рефлектираат расположението меѓу либералните слоеви во општеството“.
Според една анкета објавена по пресудата против членките на Пуси Рајот, 53 проценти од руското население сметале дека пресудата е фер, додека 27 проценти биле на мислење дека е неправедна.