1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мегаломанија во алпската идила

ЖА/дв/сид/дпа10 февруари 2013

Скијањето во Австрија е повеќе од спорт, тоа е национална гордост! Откако во Шладминг се одржува Светското првенство во алпски дисциплини, австрискиот патриотизам тешко го поднесуваат и многумина Австријци.

https://p.dw.com/p/17bhT
Фотографија: DW/ I. Metzner

На почетокот на неделава во Шладминг помпезно беше отворено 42. Светско првенство во алпско скијање. Австријците се надеваат на спортска доминација и знаат дека СП е одлична прилика за заработувачка и промоција на туристичките капацитети. Смотрата на најдобрите скијачи и скијачки за Австрија е многу повеќе од врвен спортски настан.

Тоа го потврдуваат и бројките. Домаќините во организацијата вложија дури 400 милиони евра. За споредба, во изградбата на фудбалскиот стадион во Минхен за Светското фудбалско првенство во 2006. година беа инвестирани „само“ 350 милиони евра. Шладминг, местенце со само 4400 жители во подножјето на Планаи, со височина од 1906 метри, е „светнато“ за пред ТВ-камерите стигнати од цел свет.

FIS Alpine Ski WM in Schladming 2013
Се градеше „наголемо“...Фотографија: DW/ I. Metzner

Домашните скијачки ѕвезди како Марсел Хиршер и Ане Фенингер, се надеваат Австријците, би требало да освојат седум-осум медали. Скијањето во оваа земја е исклучително популарно. Многумина Австријци би рекле - попопуларно и од фудбалот. Резултатите на австриската фудбалска селекција одамна тераат само на очај.

А кога Хиршер ќе јурне низ пистата, се чини цела Австрија го запира здивот. Неодамна, во текот на преносот на легендарниот спуст во Кицбихел, ТВ-станицата ОРФ регистрираше 1,54 милиони гледачи пред малите екрани. Во земја со 8,5 милиони жители, тоа е неверојатна квота на гледаност од 80 проценти.

„Национални јунаци“

Кога „Националните јунаци“ на снежната писта се борат за медали, десетици илјади еуфорични гледачи мавтаат со знамињата на Австрија. Таков патриотизам им пречи дури и на многумина Австријци. Познатиот кабаретист Северин Гребнер вели дека тоа го иритира. Затоа тој ја провоцира нацијата:

„Кога паѓа снег и сите одат на планина, ја одам во сауна“, вели тој. Гребнер е еден од ретките критичари кој на ироничен, хумористичен начин ја коментира мегаломанијата во Шладминг.

FIS Alpine Ski WM in Schladming 2013
Фотографија: DW/ I. Metzner

На неговите вицеви сите се смеат. Но, во Шладминг има и такви на кои не им е до смеа. Тие се огорчени на „скијачката фешта со срце“ (службено мото на Светското првенство). Шладминг во текот на подготовките за СП доби сосема ново лице, кое не им се допаѓа на сите.

Во местото е подигната нова железничка станица, се појави и нова футуристичка базна станица во долината („Планет Планаи“, насловната фотографија), нов конгресен центар, нови луксузни хотели и т.н. Многу постари градби беа урнати. Контроверзи предизвикува и 35 метри високиот „Скајгејт“, нешто слично на триумфален лак под кој се наоѓа целната рамнина на скијачкиот натпревар.

Додека медиумите пишуваат за „Шрекснаделовата мегаломанија“, тој истиот Шрекснадел, претседател на Австрискиот скијачки сојуз, тврди дека земјата ќе профитира од инвестициите и во идните 20-30 години. Притоа тој се смее, а и со причина. Најголем дел од парите на располагање стави владата од Виена, односно покраинската влада од Штаерска. А чистата добивка во џебот ќе ја стави токму Австријскиот скијачки сојуз. Затоа моќниот шеф не го погодуваат критичките тонови од земјата и од странство. Германскиот весник „Зиддојче цајтунг“ деновиве пишува дека мегаломанијата длабоко го подели Шладминг.

FIS Alpine Ski WM in Schladming 2013
Фотографија: DW/ I. Metzner

Добра забава

Во текот на СП домаќините очекуваат околу 450 илјади посетители, меѓу нив и бројни познати, како Владимир Путин, Франц Бекенбауер или Арнолд Шварценегер. Нив веројатно не ги интересираат дискусиите за новиот Шладминг. Исто како ниту и 650 спортисти кои се борат за медали. Тие се фокусираат на спортските натпревари, а без разлика каков резултат ќе остварат, ги очекува и добра забава. Домаќините организираа импресивна забавна програма, меѓу другите и концерти на Кевин Костнер и ДиЏеј Еци.