1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мегаград стар 5.000 години

Андреа Касиске/Б. Георгиевски8 мај 2013

Тој ги фасцинира археолозите веќе 100 години. Урук, денешна Варка, се наоѓа јужно од Багдад, во долината на реките Еуфрат и Тигар. Првиот светски мегаполис ги поседувал сите урбани технологии за функционален живот.

https://p.dw.com/p/18Opj
Фотографија: DW/S. Bartlick

И покрај недостатокот на суровини, напреден град со 50 илјади жители постоел уште три илјади години пред Христос. Комплексната логистика, првото клинесто писмо, интензивната трговија - сето тоа го претворило Урук во центар на античката Месопотамија. Изложбата во берлинскиот Блискоисточен музеј ги прикажува животот и архитектурата во градот под наслов „Урук - 5000 години Мегаград“.

Владетелот како врховен градител на главата носи глина. Од милиони глинени тули и глинени столбови изграден е Урук, првиот голем град во светот со неверојатна монументална архитектура.

Легендарниот крал Гилгамеш наредил да се изградат градски тврдини во должина од 9 километри. Вистински мега-проект, како и целиот град Урук. 3.000 години пред Христос тука живееле околу 50 илјади луѓе. Тоа бил економски и административен центар кој се соочувал со многу од денешните проблеми.

„Постоела пренаселеност, преголема продукција на керамика, значи сите нешта со кои и ние се соочуваме во денешните мега-градови. Со притисокот од бројното население и со организацијата на еден таков живот“, вели Беате Залје, директор на Блискоисточниот музеј.

Pergamonmuseum Ausstellung URUK 5000 Jahre Megacity
Фотографија: DW/S.Bartlick

Изложбата прикажува колку била напредна градската инфраструктура уште во тоа време. Од модерно складирање до цилиндрички печати за обележување на производи.

Пред сто години почна откопувањето на Урук, но по војната во Ирак тоа запре. Германските археолози се надеваат дека сега ќе се продолжи со ископувања. Актуелната изложба, која е дополнета со експонати од Лувр и од Англија, покажува дека ископувањето се исплатува.

Градскиот живот од пред 5.000 години повторно оживеа. Куриозитетите вклучуваат и рецепти за производство на пиво во архаично писмо.