Мебел од волна
30 март 2013Британката Мелани Портер од висококвалитетна мерино волна плете модерно руво за стариот мебел. Таа користи стар занает за модерен изглед. Секое парче е уникат.
Мелани Портер има две ателјеа: во Лондон и во 80 километри оддалечениот Падбери. Десет години таа работеше како дизајнер за плетки за меѓународни модни компании, како „Барбери“ и „Пјур Колекшн“. Од 2008 година таа се концентрира на мебел.
„Толку сум среќна повторно да правам нешто со раце. Во модната бранша денес многу се произведува во прекуокеанските земји. Ми недостасуваше самата нешто да создавам, да направам со раце. Прекрасно е, за некого да се дизајнира нешто и потоа да се учествува во изработката“, вели дизајнерката Портер.
Таа користи техники на модниот дизајн. Плетивата ги пере на високи температури за да се соберат и заплеткаат. Така материјалот може да се крои и преработува.
„Кога ова ќе се навлече над кауч, може да се гледа преку него. И ако остане да виси, треба да се затегне плетката. Затоа го заплеткав. Ова парче изгледа потоа вака“.
Мелани Портер студираше уметност и дизајн во лондонскиот Централ Сен Мартинс колеџ. Таа се’ прави сама: плете, реставрира мебел, го тапацира. Околу четири недели рачна работа.
„При плетењето на навлаки ме предизвикува тоа што самиот можеш да утврдиш - каде сакаш да имаш некоја шара. Кога се купува материјал за навлака тогаш шарата насекаде е иста“.
Нејзино обележје е: Јунион Џек столицата. Поранешен муштерија, еден британски трговец ја инспирираше за овој дизајн. Столиците чинат меѓу 2.000 и 4.500 евра. Секој модел си има свое име.
Нејзините дизајнерски парчиња се омилени кај приватни муштерии во Велика Британија, Кина, САД и Франција. Исто така и луксузните куќи во Хонг Конг и Лондон ги нудат нејзините креации.
„Супер е што луѓето ги купуваат моите креации, кои започнав да ги работам од љубов, а не за профит. Ме радува тоа. Секое парче е изработено со љубов.“
Мерино волна со пречник од три сантиметри се заплетува самата. Во оваа форма таа впрочем не може да се купи. И 80 сантиметри долгите игли за плетење Мелани Портер специјално ги нарачува. Таа сака да експериментира. Впрочем за секоја перница и конецот индивудуално го произведува. Метар по метар.
Мелани Портер обработува пред се’ ретро мебел и создава декоративни уникати. Соодветниот модел понекогаш го бара со недели по аукциите и пазарите.
„Јас преработувам невообичаени предмети во столици за во кино. Исто така поставувам лампи, за кои на прв поглед не може да се претпостави дека се плетени. Користам модерна палета бои. Со изборот на боите сакам да ги изненадам луѓето. На пример, со зелена ногарка на столица.“
Плетениот мебел таа го презентираше во 2011 и 2012 година на меѓународен дизајнерски саем во Лондон. Оттогаш добива многу нарачки. Се’ повеќе муштерии сакаат плетена навлака за нивниот стар наследен мебел. За Мелани Портер нејзините дела се истовремено уметност и мебел.
„Не знам, сакам тие да бидат користени. Не сакам само така да стојат како да се одвишок. Всушност тие не се направени за тоа“.
Назад во Падбери - Каучот е готов. За речиси четрипол илјади евра тој ќе отиде во рацете на една лекарка од Лондон.
„Тажно е, оти забавата помина. Мора да го дадам на сопственикот. Чувставата се помалу измешани.“
Мелани Портер и покрај зголемениот број нарачки не сака да вработи други луѓе. Таа сака да гарантира дека секое парче од почеток до крај минува низ нејзините раце.