Мајнц и‘ го препушти врвот на Борусија Дортмунд
1 ноември 2010Големото дерби на досегашниот дел од Бундеслигата одиграно вчера му припадна на тимот на Борусија Дортмунд. Во директниот дуел за врвот на табелата, Борусија го совлада нагости Мајнц со 2:0. Тренерот Јирген Клоп беше задоволен од играта на својот тим:
„Беше многу тешко, и затоа сега чувството е многу подобро. Мислам дека денеска сите имаа можност да видат колку бевме израмнети и колку добар тим е Мајнц, всушност, и тоа ја прави нашата победа послатка, затоа што совладавме многу силен противник“.
Во меѓувреме, Хофенхајм израсна во прв конкурент на водечкото дуо, откако тимот предводен од Ралф Рангник во неделата го совлада Хановер со 4:0 и се искачи на третото место. Сепак, Рангник не беше задоволен од првите 45 минути од мечот.
„Во второто полувреме игравме далеку подобро, секако во тоа помогнаа и двата брзи голови кои паднаа веднаш на почетокот на вториот дел. Потоа игравме многу добро, добро го затворивме теренот и заслужено победивме“.
Шалке продолжува тоне на табелата
Екипата на Шалке продолжува да тоне и се наоѓа во се подлабока криза. Минатогодишниот вицепрвак загуби на домашен терен од Бајер Леверкузен со 0:1 и се најде на претпоследното место на табелата. Кај играчите на Шалке веќе се чувствува беспомошност. Тоа го потврдува и одбранбениот играч Кристоф Мецелдер.
„Екипата се труди и екипата посакува, но не оди. Денеска двапати ги погодивме пречката или стативата и не заслуживме да загубиме. Дојдовме веќе до ноември и се уште не сме напреднале ниту еден чекор. Навистина не знам како понатаму“.
Комплименти ова коло заслужи тимот на Ајнтрахт Франкфурт. По негативата од 0:1 на гостувањето кај Санкт Паули, Ајнтрахт се врати во игра и забележа убедлива победа од 3:1. Со трите бода, тимот сега се искачи на петтото место на табелата.
„Се чувствуваме многу добро поради победничката серија. Не треба многу да се загледуваме во табелата, затоа што таа може и да залаже. Но, последните натпревари покажаа дека имаме добар тим и дека сме на вистинскиот пат“, изјави играчот на Ајнтрахт, Пирмин Швиглер.
Бајерн се искачува кон врвот
Бранителот на титулата Бајерн Минхен полека се искачува на првенствената табела. Во петокот, на отворањето на колото во Минхен убедливо беше поразен тимот на Фрајбург со 4:2.
„Ги освоивме трите бода. На почетокот бевме малку критикувани бидејќи не постигнувавме доволно голови. Но, денеска ги постигнавме доволно и задоволни сме со тоа“, оцени репрезентативецот на Бајерн, Томас Милер.
Самодовербата е на високо ниво и во тимот на Нирнберг, кој успеа со пресврт, по почетната негатива од еден гол, да победи со 3:2 на гостувањето кај Вердер во Бремен. Дури и тренерот на Нирнберг, Дитер Хекинг беше изненаден.
„Во второто полувреме одигравме извонредно. Не само што победивме со 3:2, туку и не му дозволивме шанси на противникот, а ние имавме можност да постигнеме 4 или 5 голови. Затоа, се разбира комплименти“.
Во останатите дуели, Волфсбург го совлада Штутгарт со 2:0, а Келн успеа да стигне до победата во дебито на новиот тренер Франк Шефер. На домашен терен, тимот на Келн го совлада Хамбургер со 3:2 и и го препушти дното на табелата на Борусија Менхенгладбах, која пак загуби на гостувањето во Кајзерслаутерн со 3:0.
Автор: Кале Копс/Борис Георгиевски
Редактор: Жана Ацеска