1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Марш на милиони во Египет

ЕМФ/дв12 јули 2013

Приврзаниците на соборениот египетски претседател Мохамед Мурси за денеска повикаа на масовни протести, односно „Марш на милиони“. Набљудувачите стравуваат дека се можни нови крвави судири меѓу исламистите и полицијата.

https://p.dw.com/p/196cj
Фотографија: Reuters

Со денешниот (12.07) марш во главниот град Каиро исламистите имаат намера да извршат притисок за исполнување на нивното барање за враќање на екс претседателот Мохамед Мурси на власт. Поради тензиите меѓу приврзаниците и противниците на Мурси се стравува дека се можни нови крвави судири. Во понеделникот (08.07) загинаа повеќе од 50 лица кога безбедносните сили почнаа да пукаат врз исламистите собрани на демонстрации пред една касарна во Каиро.

Американската влада од египетските безбедносни сили бара да биде ставен крај на своеволните апсења на членови на исламистичкото Муслиманско братство. Тие не се во согласност со „целта за национално единство“ која ја прокламира армијата и преодната влада, изјави портпаролот на американското министерство за надворешни работи Џенифер Псаки. „Ако продолжат апсења и затворања на политичка основа, тешко може да се предвиди како Египет ќе излезе од кризата.“

Најавени трајни протести

Армијата му ја одзеде власта на Мурси пред нешто повеќе од една недела. Муслиманското братство, од чии редови доаѓа Мурси, зборува за „пуч“ и најави собири и трајни протести се‘ додека соборениот претседател не се врати на функцијата. Военото раководство на земјата го постави Адли Мансур за преоден претседател. Тој има задача да состави преодна влада и да ја води земјата шест месеци, до одржувањето парламентарни избори.

Се‘ уште не е јасно каде се наоѓа Мохамед Мурси. Откако беше симнат од власт пред нешто повеќе од една недела, тој од страна на армијата беше однесен на непозната локација и таму се чува без подигнато обвинение против него. Портпарол на египетското министерство за надворешни работи, во меѓувреме, соопшти дека Мурси е „на сигурно место“ и дека има „достоинствен третман“, меѓутоа, „за негова безбедност и за безбедноста на земјата е подобро“ да биде таму каде што е, рече портпаролот.

Ägypten Anhänger Mursis Zusammenstöße mit der Polizei Kairo 08.07.2013
Во безредијата во понеделникот загинаа најмалку 50 луѓеФотографија: Mahmoud Khaled/AFP/Getty Images

Финансиски инјекции и воена помош од САД

Египет и по соборувањето на Мурси од власт може да смета на помош на САД. Владата во Каиро вчера (11.07) ја поздрави оценката на американското министерство за надворешни работи дека владеењето на Мурси не било демократско. Египет поради тоа негува надеж дека помошта од САД во износ од 1,5 милијарди долари годишно ќе продолжи да доаѓа во земјата и натаму непречено. САД се воздржани во оценките за воената акција против Мурси. Доколку соборувањето на претседателот биде оценето како пуч против демократски избран претседател, тогаш американската помош за Египет, согласно законите на САД, треба да биде запрена. Египетските безбедносни сили, во секој случај, можат да сметаат со испорака на американски воени авиони Ф16. Четири вакви авион најверојатно ќе бидат испорачани во август, а уште осум би можеле да следуваат во декември.