Марш за поддршка на соживотот
17 март 2012Маршот е инициран како резултат на последните инциденти, коишто се случија минатата недела, при што беа повредени над 20 лица од различна етничка заедница.
Настанот е во организација на Граѓанската иницијатива „Заедно за мир“, предводена од Сашо Мацановски - Трендо, Александар Русјаков, Ана Јовковска и Петрит Сарачини. Тие порачуваат дека целта е промовирање на соживотот, а на маршот е најавено присуство на многу уметници, музичари, интелектуалци, претставници од невладиниот сектор и други.
Манифестацијата ќе почне со настап на повеќе познати музичари од Македонија, кои преку настап во живо ќе изведуваат светски познати мировни химни. „Манифестот на мирот“ ќе биде прочитан на неколку јазици од страна на Сабина Ајрула, Висар Вишка, Горазд Цветковски, Есма Реџепова, Кристина Леловац и Кочо Андоновски.
По ова, присутните граѓани ќе го започнат „Маршот за мир“, чиј правец на движење ќе се одвива од Градскиот парк, преку бул. „Илинденска“, мостот Гоце Делчев, потоа движење кон Музејот на Холокаустот до Камениот мост - симболот на заедништвото, за потоа преку Градскиот кеј, зад зградата на Владата, за на крај да заврши на Школка во Градскиот парк
Автор: СН/АМ/миа
Редактор: Александар Методијев