Мароканците бараат промени
12 август 2012Уште во мај во Мароко задува ветрот на незадоволството - десетици илјади луѓе излегоа на улиците за да го изразат незадоволството и бесот поради политиката. Движењето „20-ти февруари“, организации за човекови права и синдикатите, кои повикаа на протести, можеа да се потпрат на широка база.
Само три месеци подоцна, од тоа остана малку. Повикот на протести го следеа само неколку стотици Мароканци. Дури и во Казабланка, центарот на демонстраиците, на улиците немаше повеќе од илјада луѓе, како што јавуваат очевидци. Во главниот град Рабат, во Маракеш и во Тангер на демонстрации излегле само по 200-300 граѓани.
Мароканците се жалат на скапотија
Организаторите и‘ префрлаат на новата влада на умерениот исламист Абделилах Бенкиране за недоволно спроведување на изборните ветувања. Невработеноста и натаму е висока, корупцијата останува секојдневие, а цените на животните трошоци растат. Луѓето се разлутени посебно од најновото поскапување на бензинот, откако владата ги укина субвенциите за него, што предизвика синџирна реакција и на цените на низа производи. Демонстрантите освен тоа бараат и ослободување на политичките активисти, уапсени на неодобрените протести и осудени на високи казни затвор.
Реформи наместо револуција
Како и во другите арапски држави, и во Мароко во рамките на т.н. Арапска пролет беше формирано протестно движење на почетокот на 2011-та година, Движењето „20-ти февруари“.
За разлика од Тунис и од Египет, во северноафриканската монархија целта не е соборување на омразен властодржец. Мароканците во големо мнозинство го поддржуваат својот крал. Мохамед Шести е сметан за гарант на стабилноста во земјата. Протестното движење во Мароко е насочено првенствено против социјалната неправедност и бара опсежни политички и економски реформи.