1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Маргот Хонекер: Бегство преку Ѕидот беше глупост

Бернд Греслер / Елизабета Милошевска Фиданоска9 април 2012

Бегство од ГДР преку Берлинскиот ѕид-глупост, пресвртот во Германија-контрареволуција, а Горбачов-дрдорко - 84-годишната вдовица на Ерих Хонекер по 20 год. молк даде интервју во кое се пресметува со „класниот непријател“

https://p.dw.com/p/14Xat
Фотографија: picture-alliance/dpa/NDR

Многумина новинари во изминатите години попусто патуваа во Чиле во надеж дека ќе се сретнат со Маргот Хонекер. Сопругата на поранешниот државен и партиски претседател на Германската Демократска Република, Ерих Хонекер, во најдобар случај само ќе ги испрскаше со цревото од нејзината градина или ќе им дофрлеше по некој зајадлив збор. Неодамна, поранешната министерка за народно образование во ГДР ги преточи во книга своите видувања за образованието во источногерманската држава, како и последните страници од дневникот на нејзиниот сопруг и му даде подолго интервју на Ерик Фридлер, човекот кој се занимава со документарен филм.

Во 90-минутниот ТВ-филм „Пад - крајот на Хонекер“, кој беше емитуван на првиот канал на германската телевизија на 02.04.2012 и кој го видоа повеќе од четири милиони луѓе, вдовицата на Ерих Хонекер ја бранеше државата на работниците и селаните. ГДР не била злосторничка држава, вели Маргот Хонекер, а за бегалците кои биле убиени во обид да пребегаат од другата страна на Берлинскиот ѕид изјави: „Не може да се биде мирен кога млад човек гине на ваков начин, зашто тоа е непотребно. Не морал да се качува преку Ѕидот. Ваква глупост да се плати со живот е горчливо, особено за мајките кои се погодени.“

„Криминалци се претставуваат како политички жртви“

За политичките затвореници во ГДР Маргот Хонекер вели: „Оние што биле криминалци денес се претставуваат како политички жртви. Политички жртви, кога би морало да се изјаснат, имаше сигурно многу малку. Дека имаше политички противници на ГДР и луѓе што му нанесуваа штета на социјализмот, на економијата која му припаѓаше на народот, кои беа изведени пред суд и затворени, сигурно имаше. Имаше се‘, но тоа е нормално. Поради тоа не мора никој да се извинува.“

Најчестата реакција во Германија на ова интервју беше вртење со главата со неверување. Повеќето и не очекуваа ништо друго од тврдокорната сопруга на Хонекер. Но погодените лица се огорчени. И тие во ТВ-документарниот филм добија збор. На една жена во филмот, која се нашла в затвор поради обид да избега од ГДР и чиј син бил даден на посвојување, речиси и‘ снемува глас: „Каква жена е ова?“, прашува таа со индигнација. „Револтирачки е, те прави бесен, неверојатно.“

Honecker fliegt nach Chile
Ерих Хонекер во авион на пат за Чиле, во јануари 1993 годинаФотографија: AP

Потоа дојде контрареволуцијата

Принудни адопции во ГДР никогаш немало, тврди Маргот Хонекер, поранешна министерка за образование, свесна дека досега не беше докажана нејзина лична кривична одговорност за што било.

Во интервјуто Маргот Хонекер, која од 1992 година живее во Сантјаго де Чиле и од Германија добива државна пензија во износ од 1500 евра, првпат ја опишува и вечерта во октомври 1989 година кога Источен Берлин ја прославуваше 40-годишнината на ГДР. За време на поворката со факели, младите одушевено го поздравуваа советскиот гостин Михаил Горбачов, додека Ерих Хонекер стоеше до него со замрзнат израз на лицето. „Се вративме прилично замолчени. Немав потреба да коментирам како сето тоа го доживеав, не сакав уште повеќе да го оптоварувам. А тој сакаше да биде оставен на мир. Потоа се случи она што мораше да се случи.“

Нејзиниот сопруг набргу се збогувал со илузиите дека уште нешто може да се спаси. Од негов аспект тоа не бил „народен отпор, туку контрареволуција“. Од Горбачов, како што тврди вдовицата на Хонекер, ништо и не очекувала: „Тој беше одговорен за ова сценарио. Човекот толку лажеше. Имав аверзија кон него. Не ми се допаѓаше неговото дрдорење, неговото ’еднаш вака, друг пат онака’.“

Internationaler Tag des Kusses Flash-Galerie
Од братски бакнеж до аверзија - Михаил Горбачов и Ерих Хонекер на 7 октомври 1989 година во Источен БерлинФотографија: picture alliance/dpa

„Другите треба да се извинат“

ТВ-документарниот филм ги опишува и деновите на Хонекер во времето по пресвртот. По престојот во болница и апсењето, некогаш најмоќниот човек во ГДР заедно со сопругата, на крајот на 1990 година, одеднаш се нашол на улица. Не му помогнале другарите, туку сместување му понудил еден свештеник. Ерих и Маргот Хонекер имаа среќа, вели во филмот поранешниот советски министер за надворешни работи Едуард Шеварнадзе: Чаушеску беше погубен во Романија.

Маргот Хонекер е убедена дека ГДР не постоела попусто и дека идните генерации „на тоа ќе се навратат, пред се‘ во Германија“. Вистинската неправда во светот, според нејзе, е што се‘ поголем број луѓе се експлоатирани и гинат во војни и од бомби: „Други треба да се извинуваат“, убедена е вдовицата на Хонекер.