Маргвелашвили е нов претседател на Грузија
28 октомври 2013Излезните анкети покажуваат дека кандидатот на владејачката партија Сонот за Грузија, Гиорги Маргвелашвили, освоил околу 67 проценти од гласовите на граѓаните кои излегле на изборите.
Неговиот противкандидат Давид Бакрадзи, кој беше кандидат на партијата на досегашниот претседател Михаил Сакашвили, синоќа го призна изборниот пораз.
„Му честитам на Маргвелашвили на победата и на довербата која му ја укажа грузискиот народ“, изјави Бакрадзи. Според анкетите, тој освоил околу 20 отсто од гласовите.
Со вчерашните (27.10) избори и официјално заврши вториот мандат на чело на државата на Михаил Сакашвили. Тој речиси 10 години беше на чело на поранешната советска република и во тој период даде голем придонес за развојот на демократијата и за приближувањето на земјата кон Западот.
Новиот претседател Маргвелашвили, е член на партијата Сонот за Грузија, која ја формираше мултимилионерот Бидзин Иванишвили, и која на парламентарните избори пред една година убедливо ја победи коалицијата на претседателот во заминување. Иванишвили оттогаш е на чело на владата, но најави дека веднаш по претседателските избори ќе се повлече од функцијата.