1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

МАНУ ја повлече ециклопедијата

6 ноември 2009

Вонредното Собрание на МАНУ одлучи во целост да ја повлече од употреба првата Македонска енциклопедија и да ја разреши редакцијата. Ќе биде формиран нов главен тим, кој ќе изработи нова верзија на енциклопедијата.

https://p.dw.com/p/KPo4
Македонска енциклопедијаФотографија: Petr Stojanovski

Вонредното Собрание на Македонската академија на науките и уметностите донесе одлука да ја повлече Eнциклопедијата. Притоа речиси целосно беа уважени заклучоците што Претседателството ги предложи пред три недели. „МАНУ се оградува од определени одредници и лични ставови на автори на тие одредници, во позната веќе презентирана листа на спорни одредници и од други одредници, кои се однесуваат на историскиот развој на државата, на општествените прилики во земјата, на претставувањето на одредени политички институции и слично“, рече академик Владо Камбовски.

Новата редакција треба да биде формирана во рок од еден месец во процедура што ја предвидува статутот и интерните акти на Академијата. Во нејзиниот состав ќе бидат вклучени водечки научници од сите подрачја на науката и од редот на немнозинските заедници.

Според Камбовски, материјалот од првата енциклопедија нема да се уништи туку ќе остане на располагање на новата главна редакција, која ќе одлучи што од тоа може да искористи.

Академик Блаже Ристовски, главниот редактор на првата национална енцикопедија, смета дека со ваквата одлука политиката навлегла во МАНУ. „Новата редакција не може да располага со тој материјал. Тоа нема да биде второ издание такво како што тие го замислуваат, туку сосема ново. Новата редакција нека си направи ново издание и тоа е чиста работа“, вели Ристовски.

Автор: АТ/миа

Редактор: Жана Ацеска