1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мал, но значаен македонски придонес за холивудскиот сјај

25 ноември 2010

Филмското студио за визуелни ефекти и анимација ФХ 3Х од Скопје стана познато во светската филмска индустрија по работата на оскаровецот „Авијатичар“ на режисерот Мартин Скорсезе, со Леонардo ди Каприо во главната улога.

https://p.dw.com/p/QDJF
Кристијан ДаниловскиФотографија: FX3X Ltd.

Во кругот на старата скопска касарна од времето на екс-југо армијата, во еден од петте воени магацини, сместено е студиото, современо архитектонски и внатрешно уредено, во кое се кријат тајните и авторите на идниот холивудски Оскар. „По филмот ’Авијатичар’, нашето студио за визуелни ефекти стана дел и од фестивалските спектакли, јас бев номиниран за европскиот Оскар, а неколку години сме дел од тимовите на светскиот режисер Лукас“, вели за ДВ Кристијан Даниловски, еден од сопствениците и креативни директори на ова студио, кое ги собира инвентивните компјутерџии.

Трпеливо градење на имиџот

FX3X Ltd.
Производ на Филмското студио за визуелни ефекти и анимацијаФотографија: FX3X Ltd.

Даниловски, со својот партнер Миливој Ѓорѓевиќ, пред 15-тина години стартуваа како млади ентузијасти, кои навлегуваа во новиот тренд на филмска анимација. Тие трпеливо го градат имиџот на мобилно и респектирано филмско студио, што е дел од големата холивудска компанија на познатиот режисер Џорџ Лукас. Македонската екипа беше дел од новите филмски и телевизиски спектакли, како ТВ серијата „Патот до 11 септември“, за што Даниловски беше номиниран за наградата „Еми“, како и филмот „Златен компас“ со Оскар за анимација.

Во Скопје се креирани и дел од кадрите на спектаклот „Терминатор 4“. „Благодарение на нарачките од Холивуд ние тројно го зголемивме креативниот состав и исто толку ни порасна обемот на работа и приходите што ни овозможува да ги следиме и набавуваме најновите применливи технологии во ИТ системите. Почнавме да работиме и во ’Три Де’ технологија и сега сме меѓу дваесетината студија во светот кои се избрани од холивудската индустрија да ги осмислуваме кадрите од филмските спектакли“, вели Даниловски.

Студијата имаат најсовремена аудио-визуелна опрема во кои досега се вложени неколку милиони евра, сопствен капитал. „Не би рекол дека Скопје е филмски град, во оваа индустрија сега се работи за медија центри што меѓусебе се во постојана креативна релација и ние нашите вработени ги испраќаме преку ’бара’ да се интегрираат во системите на тимска работа, да се едуцираат и сите по правило се враќаат“.

Нашата креација е наш патриотизам

FX3X Ltd.
Производ на Филмското студио за визуелни ефекти и анимацијаФотографија: FX3X Ltd.

Мишко и Кристи, како се нарекуваат партнерите, создаваат клима на колективна креација. Тие самите се дел од успешната урбана приказна на Скопје, собирајќи околу себе една плејада на ноншалантни, бушави и талентирани аниматори кои за кадар од две секунди од филмскиот спектакал на големиот екран, знаат да потрошат и по два-три месеци. „Во Македонија има доволно креативни сили кои треба да се селектираат, едуцираат и да им се дозволи да бидат мотивирани. Наша голема ставка се тренинзите и усовршувањата во светските центри на визуелни ефекти, но и самите станавме место за едуцирање на партнери од странство“, зборува Кристијан Даниловски.

Тој и Миливој Ѓорѓевиќ почнуваат со подготовка на 4 филмски студија, најсовремено опремени, што ќе бидат без конкуренција во македонскиот медиумски простор и најверојатно ќе започнат и со сопствена продукција, а размислуваат и за авторство на целовечерен анимиран филм. Не го откриваат насловот на новиот холивудски блокбастер со кого, за својата анимација, притаено и конечно го очекуваат својот Оскар. „Ние сами си го креираме својот прогрес, немаме време да чекаме некого, тука ни е извонредно и намаме причина да се селиме во Холивуд“, кажа Даниловски. Неговиот партнер Ѓорѓевиќ потврдува „Во Скопје е најдобро да се живее и работи. Ако сакавме да заминеме во САД тоа ќе го направевме на 23 годишна возраст, кога не открија експертите од Холивуд и кога ни ги отворија студијата таму. Нашиот патриотизам е нашата креација, и од Македонија можеш да бидеш дел од светските филмски центри“, велат Мишко и Кристијан.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Александра Трајковска