1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мал напредок во борбата против бактеријата ЕХЕК

31 мај 2011

На повидок нема крај на заразата со бактеријата ЕХЕК во Германија. По средбата на надлежните власти, констатирано е дека бактеријата ќе продолжи да се распространува. Зрак надеж носи новиот тест за брза дијагноза.

https://p.dw.com/p/11R3N
Фотографија: dapd

Мора да се смета на натамошни жртви од заболувањето со цревната бактерија, велат надлежните во Германија. Досега животот го загубија најмалку 14 луѓе, од кои 12 се жени. Министерот за здравство, Даниел Бар, по средбата во Берлин беше загрижен. Тој рече дека број на заболени ќе продолжи да расте.

„Се‘ уште има знаци дека изворот на инфекција е активен, што значи граѓаните мора и натаму да бидат исклучително внимателни“, рече Бар.

Претседателот на институтот „Роберт Кох“, Рајнхард Бургер, оцени дека најверојатно ќе има нови смртни случаи.

Со новиот тест бактеријата се идентификува за неколку часа

Gesundheitsminister Daniel Bahr
Првата тешка задача за новиот министер за здравство, Даниел БарФотографија: AP

Во меѓувреме, научниците во универзитетската клиника во Минстер успејаа да развијат тест за брзо утврдување на постоењето на бактеријата кај пациентите. Со молекуларно-биолошката постапка може за неколку часа да се утврдат и најмали количества на бактерии во телото.

„Тестот овозможува идентификација на бактеријата за најкусо можно време“, изјави доктор Хелге Крај од Инситутот за хигиена на универзитетот во Минстер.

Бројот на заболени во Германија, во меѓувреме, се зголеми на повеќе од 1400. Министерката за заштита на потрошувачите, Илзе Ајгнер, вели дека ЕХЕК веќе има европска димензија. Според податоците на Европската комисија, во Шведска има 30 случаи на заболени од ЕХЕК, а болни има и во Данска, Велика Британија, Австрија, Холандија и Франција.

Поради предупредувањето во Германија да се избегнува конзумирање свежи краставици, домати и салати, земјоделците веќе се жалат на драстично намалена потрошувачка. Шпанија има намера да побара помош од ЕУ и размислува да бара обесштетување од Германија. Шпанските земјоделци сметаат дека нивните производи пребрзо биле покажани со прст како извор на заразата.

Автор: ЕМФ/ТТ/дпа/дв

Редактор: Трајче Тосев

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема