1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Малку надеж за работа за грчката младина

Јанис Пападимитриу/ Александра Трајковска21 мај 2013

Речиси две третини од младите Грци се невработени. Стапката на невработеност постигна рекордно ниво од 27 проценти. Експертите предупредуваат од драматични последици за грчкото општество.

https://p.dw.com/p/18bLE
Фотографија: Getty Images

Пред кризата младите се жалеа поради малата заработувачка и огорчено се означуваа како „Генерација 1000 евра“. Споредено со денес, тогашната ситуација се чини како рај: во меѓувреме повеќе од 60 проценти од младите Грци се невработени. Експертите и синдикатите предупредуваат од социјални последици поради рекордната невработеност.

„Цела една генерација од добро образовани млади луѓе се чувствува маргинализирана, со оглед на тоа што многумина од нив се долго невработени“, вели Илијас Кацулис, публицист и професор по социологија и политички науки на универзитетот во Атина.Тој смета дека поради тоа ќе се појават големи проблеми во грчкото општество: „Токму во криза нашето општество е упатено на овие луѓе. Тоа меѓутоа речиси и да не им нуди можност да ги искористат своите квалификации, што од друга страна уште повеќе ја продлабочува кризата“.

Ilias Katsoulis Soziologe in Griechenland
Илијас Кацулис, професор по социологија и политички наукиФотографија: privat

Сепак Кацулис, кој во изминатите десет години ги анализираше пресвртите и реформските напори на грчкиот и меѓународниот пазар на трудот, гледа и предности за во иднина. Имено, Грците кои сега ја напуштаат татковината, подоцна ќе се вратат, и во Грција повторно ќе го донесат нивното ноу-хау и сето нивно искуство. Меѓународни студии дојдоа до резултат дека земјите од кои потекнуваат доселениците исто толку силно профитираат, колку и земјите каде тие се доселуваат, вели Кацулис.

Многумина коментатори во Грција на ова гледаат поинаку. Тие се жалат дека се случува „брејндрејн“ на младите Грци во северна Европа, САД и арапските земји. Еден од нив е Јоргос Кирцос. Овој економист и издавач, кој самиот има студирано во САД, преку телевизијата „Скај“ критикуваше дека политичарите во земјата и во странство и' препишале на грчката економија радикална терапија заборавајќи ги притоа социјалните последици од кризата.

Така би исчезнала токму средната класа во земјата. „На тој начин нема да може повеќе да се финансира оптоварувањето од стареењето на нашето општество: 3,7 милиони работоспособни стојат денес наспроти три милиони пензионери, наскоро еден вработен ќе треба да финансира еден пензионер“, предупредува Кирцос и укажува на отселувањето кон Германија, кое постигна рекордно ниво. „Замислете си навистина да дојде до толку очекуваниот полет и во Грција не останал никој за да профитира од тоа“.

Arbeitslosigkeit in Griechenland
Невработеноста во Грција на рекордно нивоФотографија: picture alliance/dpa

Од гледиште на експертите благодарение на традиционално силните семејни врски досега изостана социјалниот револт. Во Грција се'уште се подразбира само по себе постарите членови на семејствата доколку е потребно финансиски да ги подржуваат децата и внуците.

Традицијата се судира со реалноста

Меѓутоа широкоградоста во меѓувреме се судира со границите на реалноста, смета атинскиот економски новинар Бабис Пападимитриу. Според последните податоци од пазарот на трудот, во последните пет години речиси десетпати се зголеми невработеноста во категоријата 65+. Ова покажува дека се' повеќе Грци, кои се на возраст за пензија се обидуваат да најдат работа за да можат да придонесат за издржувањето на семејството. „Тоа што толку многу луѓе над 65 години сакаат да работат покажува промена на менталитетот во грчкото општество. Не би кажал дека тоа е позитивно, но ја покажува сериозноста на ситуацијата“, појаснува економскиот експерт за радиото „Скај“. „Сличен тренд има и кај жените, кои досега му се посветуваа на семејството. И тие покажуваат засилен интерес за вработување, оти во поинаков случaј не можат да излезат на крај“.

Griechenland Protest Demonstration Sparmaßnahmen Generalstreik 01.05.2013
Млади Грци демонстрираат на атинските улициФотографија: AFP/Getty Images

Како и владата, во чиј состав се претставници од три партии, под раководство на конзервативниот премиер Антонис Самарас, така и Комисијата на ЕУ ветуваат подобрување и имаат намера пред се' на младите Грци да им го олеснат пристапот до пазарот на трудот. Во првиот чекор ЕУ уште годинава треба да им стави на располагање на градовите и општините 450 милиони евра, за да финансира најмалку 100.000 ограничени договори за млади невработени. Меѓутоа скепсата е голема, дали ова навистина ќе успее. „Многу млади луѓе стојат беспомошни пред непотизмот, кој се'уште владее со грчката политика“, вели професорот Илијас Кацулис. Грците традиционално се резервирани во однос на државните институции, а рекордната невработеност од минатата година уште повеќе ја зајакна нивната недоверба, смета атинскиот социолог. „Тие немаат шанса да напредуваат и на пример да добијат добро вработување во администрацијата, доколку не и' припаѓаат на некоја партија. Тие радо би им верувале на државните институции, но знаат дека таму има непотизам“. Тоа било и причината зошто многу Грци ја покажуваат својата лутина и ги давале своите гласови на екстремните партии.