1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Малку изборна битка благодарение на НСА

Автор: Фолкер Вагенер/Превод: Александар Методијев16 јули 2013

За два месеца во Германија има избори и аферата со американската НСА стана топ-тема. Владата на Меркел е под притисок. Конечно во предизборната битка има тема за дебата, смета во својот коментар Фолкер Вагенер.

https://p.dw.com/p/198Fa

Во Германија се води изборна битка, а тоа никој не го забележува. Да не беше аферата со американската Национална агенција за безбедност (НСА), не би поверувале дека за десет недели ќе биде избран новиот Бундестаг. Берлинската политика до тој момент беше без страст, емоции и метеж. Откривањето на некои тајни ги мобилизираше граѓаните и повторно им вдахна живот на партиите. Иако од плажите на Северното Море до работ на Алпите никој не излезе на улиците поради откритијата на Едвард Сноуден, сепак на социјалните мрежи е пеколно. Околу 80 проценти од Германците бараат од канцеларката Ангела Меркел да упати остри зборови кон САД. Пер Штајнбрик, кандидатот на СПД за канцелар и предизвикувач на Ангела Меркел на изборите на 22 септември, ја обвинува канцеларката во врска со аферата на НСА дека ја прекршила заклетвата пред стапување на функцијата. Заклетвата значи дека ќе се избегнуваат опасности за германскиот народ. Долго време од Штајнбрик не можеше ништо да се слушне, освен ова тешко обвинување. А, канцеларката?

Меркел модерира

Ангела Меркел секогаш најдобро се снаоѓа во итна ситуација. Но, итната ситуација е нешто релативно. Случај на шпионажа среде изборна кампања, а аферата со НСА е тоа, би можел да го стави политичкиот профил на цедило, но очигледно не и оној на канцеларката. Таа зазема позиција „како и - така и“. Од една страна Меркел зборува за спречување на тероризам. Досега преку шпионажата на НСА се спречени 45 планирани терористички напади, од кои пет во Германија. А, безбедноста си има цена. Тоа е силен аргумент, ако информациите се точни. Но, Американците, најсилниот парнер на Германците, преку шпионските активности го прекршија германскиот закон. Германската канцеларка мора да го осуди. Но, двете работи - и заштитата од тероризам и приватноста, според Меркел, се основни човекови права.Таа не може да се одлучи кое добро има поголема тежина.

Одвлекување на вниманието од вистинската одговорност

Можат да се препознаат малку активности што ги прави канцеларката за разјаснување на пикантната афера. Патувањето на министерот за внатрешни работи Ханс-Петер Фридрих во Вашингтон беше повеќе непријатно отколку што придонесе за повеќе сознанија. Вистината мора да се стави на маса, нагласи пратеникот на Меркел. Како тајните служби да треба по нечие барање да ги презентираат своите извори, методи и резултати. Очекуваниот неуспех на оваа мисија како да беше прифатен од канцеларката. Се чини како таа се труди да сокрие нешто што е стратешки важно за кампањата. Министерот за внатрешни работи воопшто не е одговорен за координација на тајните служби и нема никаква улога во БНД. За двете е одговорен Роналд Пофала, шефот на кабинетот на канцеларката. Од него речиси и да не може да се слушне нешто за аферата на НСА. И тоа е изборна кампања. Меркел сака аферата да ја држи настрана од себе, бидејќи таа може да биде единствената ранлива точка во соочувањето со нејзиниот противник Пер Штајнбрик. Не е за чудење што министерот за внатрешни работи Фридрих уште пред патувањето во Вашингтон од страна на опозицијата и медиумите бееше обележан како корисен идиот. А тоа особено беше потенцирано по неговото враќање.

Deutsche Welle Volker Wagener Deutschland Chefredaktion REGIONEN
Фолкер Вагенер, автор на коментаротФотографија: DW

Избегнување на кршењето на законите со закон?

Не попусто Ангела Меркел важи за наследник на поранешниот канцелар Хелмут Кол. Слично како и поранешниот канцелар, и таа владее доминантно. Нејасно е во кој правец ќе се развива случајот Сноуден и германското поглавје во него. За смирување на германските граѓани, кои се исклучително чувствителни по прашањето на безбедност на податоците, Ангела Меркел сега предлага европски, па дури и меѓународен договор за заштита на податоци. Провиден потег. Она што досега е познато од прислушкувачката афера веќе значи прекршување на германските закони. Зошто НСА, Мосад или ФСБ во иднина преку меѓународни закони би се чувствувале спречени во искористувањето на она што е технички можно?

Како што рековме, во Германија е предизборие и конечно имаме тема.