1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонците-ценети сезонци во Црна Гора

Антоанела Димитриевска13 август 2012

Македонците секое лето се меѓу најбројните сезонски работници, најмногу во градежништвото, помалку во туризмот. Поради усложнетите процедури, се‘ повеќе работат на црно.

https://p.dw.com/p/15oYf
Фотографија: DW

Заводот за вработување на Црна Гора на барање на црногорските фирми  ова лето издал 11 055 работни дозволи за вработување на странци за сезонски работници. Најмногу  се издадени во туризмот и угостителството, потоа во градежништвото, трговијата и земјоделството. Од странските сезонски работници најбројни со 44% се од Србија, од Босна и Херцеговина со 24,8% и Македонија со 22%. Потоа следат сезонски работници од Косово, Бугарија и Романија.

Македонските работници се ценети сезонски работници во Црна Гора. Посебно се барани врвните градежни мајстори кои над десетина и повеќе години работат на изградба на најлуксузни хотели, станбени згради, бензиски пумпи и други објекти. 55 годишниот Благој Станчев е еден од нив, а кој сезонски во Црна Гора е десет години, вели „работата е напорна, од утро до мрак, но работодавачите се коректни спрема нас, имаме  бесплатен стан и  храна и редовна плата од минимум  500 евра па нагоре, во зависност од тежината на работата. Ние Македонците во градежништвото сме ценети работници, бидејќи повеќето сме врвни мајстори‘‘.

Македонските келнери најомилени меѓу гостите

34 годишниот Новица Давитков од Кратово веќе четврто лето работи сезонски како келнер во хотелот „Адриа‘‘ во Шушањ кај Бар. Ценет како работник од газдите, а омилен меѓу гостите во хотелот. Тој е насмеан, ведар  и брз, секогаш подготвен да ги задоволи потребите на гостите. „Треба да работиш од срце, а не шаблонски. Прво  да се испочитуваш самиот себе, значи да правиш онака како би се чувствувал ти да си гостин,  кога седиш на маса.  Затоа услугата треба да биде квалитетна, на време и услужлива‘‘, потенцира Давитков.

Novica Davitkov
Новица Давитков со години работи во Црна ГораФотографија: Antoanela Dimitrievska

Неговиот работодавач Мила Гвозденовиќ за Дојче веле вака ја оценува неговата работа:

„Во последните четири - пет години кај нас во хотелот работеа многу луѓе од Македонија, од сите нив најмногу се задржа Новица. Откако работи кај  нас, сме немале ниту една забелешка, туку многу пофалби од гостите.

Гостите за македонските келнери велат: „феноменални се, посебно Новица, најдобар келнер кој сум го запознал, секогаш љубезен  и спремен да помогне, баш  идеален келнер‘‘, оценува  еден гостин од Белград.

Montenegrinische Hauptstadt Podgorica
Подгорица-во недостиг од квалификувани кадри, се вработуваат луѓе од соседствотоФотографија: picture-alliance/World Pictures/Photoshot

Поради усложената процедура, се‘ повеќе сезонци на црно

За разлика од минатите години кога странците од соседството во Црна Гора сезонски  се вработуваа само со лична карта, новите прописи и новиот закон од 2009. година сето тоа го усложнија. Значи работодавачот во Црна Гора има обврска исто да ги третира и домашните и странски сезонци. Постапката е сложена и чини околу 300 евра и затоа многумина од  нив одлучуваат да вработат и работници на црно. Голем број од нив се и од Македонија, но не може и да се знае точната бројка. Бирото за вработување и надлежните министерства  на Црна Гора се‘ повеќе се залагаат првенствено да се вработат невработените Црногорци кои ги има повеќе од 30 илјади. Но бидејќи тие ги избегнуваат овие тешки работи и како меѓу нив има многу малку квалификувани мајстори, келнери, готвачи, ѕидари и тесари, тие се принудени  да вработуваат сезонци од други земји.

Најголем дел од работодавачите ни изјавија: „нам не ни е важно од каде доаѓа работникот, дали е од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, најважно ни е да имаме  квалитетен работник кој  добро работи, а македонските сезонски работници се токму такви‘‘.