1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонците се почесто „нуркаат“ во корпите за отпадоци

Свето Тоевски26 март 2012

Во 1997 година во Македонија стапката на сиромаштија изнесувала 19,4, а во 2010 година 31 процент. Пред 15 години индексот на длабочина на сиромаштијата изнесувал 14,6, а лани достигнал речиси 11.

https://p.dw.com/p/14S3u
Фотографија: fotolia

Овие податоци и констатации се содржани во истражувачкиот труд „Сиромаштијата – најцрното лице на економската криза во Македонија“, кој го објави деновиве доцент Јанка Димитрова од Економскиот факултет во Државниот универзитет во Штип. Таа поаѓа од веќе познатата анализа на влијателниот весник „Економист“ од Лондон, Англија, од јануари годинава, според кој Македонија е водечка меѓу 92 држави според „индексот на мизерија“, што изнесува 35.

Притоа, Димитрова посочува:

„Многу е поразителен фактот што во структурата на тој индекс 35 дури 31, што претставува проценти, е таа сиромаштија предизвикана од невработеноста, а само 4 е една блага, или толерантна инфлација.“

Македонската сиромаштија – меѓу највисоките во Европа

Димитар Ефтимовски, меѓународно признат експерт за макроекономија од Факултетот за јавна администрација и информатичка технологија во Државниот универзитет во Битола е категоричен:

„Споменатата статија во ’Економист’ има многу нелогичности од статистичка и теориска природа. Користениот индекс не е создаден со цел да се мери сиромаштијата, а за нејзино мерење постојат многу порелевантни индикатори. Македонија не е земја број 1 во светот, според мизеријата, бидејќи сигурно не е победна од Кенија, Етиопија, Гана... Сепак, индексот на сиромаштија во неа е на едно високо рамниште, кое е едно од највисоките во Европа.“

Hunger in Mazedonien
Фотографија: DW

Димитрова напоменува:

„Се чувствува се повеќе таа раслоеност меѓу населението: од една страна, многу луѓе има, кои често бараат храна по кантите за отпадоци, а од друга страна богатите возат скапи автомобили и одат на луксузни одмори.“

Повеќе од 600 илјади граѓани во земјата преживуваат со 100 денари на ден. Тоа е една третина од вкупниот број жители, чии приходи не ги задоволуваат ниту минималните животни потреби.

Ги напуштаме академските расправи и статистичките просеци и се нурнуваме во животот на едно тетовско семејство со сета екстремна сиромаштија во која се наоѓа тоа веќе со години: 45 – годишниот Марјан Филиповски и неговата 30 – годишна сопруга Зуне Демири се невработени и со нивните 4 малолетни деца живеат во полуразурната куќарка на најгорната периферија на Тетово со само 1.800 денари месечно од социјалната помош што ја прима едниот од брачните сопружници.

„Гладна сум, нема што да јадам ...“

Марјан вели:

„Одам по контејнери и собирам што ќе најдам. Чистам оџаци, ама нема работа. Кога има – има, кога нема – нема. Ова не е човечки живот.“

Зуне дополнува:

„Чистам по бавчи и куќи, питам за пари. Еве, големото девојче ни е болно, а немаме 200 денари за лек да и купиме.“

Нивната 6-годишна ќерка Севда се надоврзува:

Pakistan Bevölkerungswachstum
Фотографија: AP

„Гладна сум, ми се јаде. Немам пари да купам. Нема што да јадам.“

Марјан вели низ тивко липање дека барал помош, ама безуспешно во Центарот за социјални работи и во Бирото за вработување во Тетово:

„Живееме во куќарка, која не е наша, туку на газдата што ни ја издал без пари, колку да не бидеме на улица. Ништо не му плаќаме, ниту за струја, ниту за вода, но не ги користиме, само понекогаш по малку за да има за децата“.

Дали има на повидок шанси Македонија да се оттргне од се’ поострата беда, која го задушува нејзиното население? За многу луѓе овој ден е вистински кошмар, а утрешниот тие не го ни посакуваат.