1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонците бараат поголемо присуство на раководните места во Тетово

6 март 2010

Сегашната локална власт во Тетово – градоначалникот Сади Беџети и Советот на општината - наближуваат кон првата годишнина од своето функционирање и конституирање. Какво е меѓуетничкото пулсирање во Тетово?

https://p.dw.com/p/MLoZ
ТетовоФотографија: Petar Stojanovski

Колку градоначалникот на Тетово Сади Беџети ја реализира својата концепција, која ја промовираше на градскиот плоштад во Тетово уште истиот ден кога завршија ланските локални избори, обраќајќи им се на граѓаните, покрај на својот мајчин албански, уште и на македонски, турски и ромски јазик, со ветување дека ќе им биде партнер на сите граѓани, а на ниту една партија?

Советникот во општинскиот Совет Зоран Митревски оценува: „За една година мултиетничката концепција на градоначалникот се спроведува доследно. Се надевам дека тој тренд ќе продолжи и во иднина - зборувам во однос на вработените во јавните претпријатија, за вработувањата во општинската администрација. Имам забелешки можеби само во делот на раководители на сектори, кадешто мислам дека треба да има поголема застапеност и на другите етникуми.“

Советникот Драган Давидовски дополнува: „Тетово како да е настрана од овие збиднувања во последно време на рамниште на Македонија, поточно во нејзиниот главен град - Скопје. Во моментов, Тетово плови во мирни политички води. Сега - засега е така, а како ќе биде натаму, дали ќе ескалираат меѓуетничките односи и во Тетово - не знаеме.“

„Зошто да креваме за ништо меѓуетнички тензии?“

Претседавачот на Советот Ирфан Емини прави вакви споредби: „Ситуацијата во Тетово била отсекогаш на повисоко рамниште, отколку на она централното, на рамниште на државата. На повисоко ниво е затоа што ние сме биле отсекогаш потолерантни едни кон други, ние, како етникуми, сме се разбирале едни со други овде во Тетово. Така и ќе продолжиме – да не креваме тензии за ништо, ние треба да живееме едни со други .“

Mazedonien Tetovo Einkaufszentrum
Тетово плови во мирни политички води, вели Драган ДавидовскиФотографија: DW

Градоначалникот Сади Беџети истакнува: „Како градоначалник на Тетово јас сум можеби единствениот кој е избран од сите етникуми кои живеат овде, почнувајќи од Албанците, Македонците, Ромите, Србите и Турците. Тоа е голема обврска – меѓунационалните односо во нашиот град да бидат добри.“

„Во Советот на општината судир на партиски програми, а не на етнички концепции“

Што велат советниците за функционирањето на Советот, во кој од 31 членови 22 се Албанци, а 9 Македонци: дали тој ги нарушува или ги гради меѓуетничките односи во градот и во целата општина?

Зоран Митревски го има следниот став: „Сме имале координации и во претходниот состав на советници, за да не дојде до некои проблеми во Советот, кои би се одразиле врз целата општина. Во изминатиот мандатен период имаше промена на имиња на улици, каде што ’Бадинтеровиот принцип’ се почитуваше доследно и се спроведуваше. ’Бадентер’ ќе функционира секако и во оваа ситуација и нема да има надгласувања на малцинските етнички заедници.“

Schüler in Mazedonien
Градоначалникот Сади Беџети тврди дека се реализираат комунални и други проекти за сите граѓаниФотографија: Sveto Toevski

Драган Давидовски посочува: „Честопати на седниците на Советот имаше судир на партиски програми, но не класично судир меѓу етнички програми, значи, немаше судир во просторот на меѓуетничките односи.“

Во Тетово живеат околу 80 отсто Албанци, а 20 отсто од населението отпаѓаат на Македонците, Турците, Ромите и другите етникуми. Незир Хусеини, раководителот на ромската невладина организација „Сонце“, истакнува: „Градоначалникот Беџети ни‘ додели 1500 евра за згрижување на 18 ромски деца од предучилишна возраст оваа година во детските градинки во градот. Во образованието добивме помош од општината и сите средни училишта: успеавме да запишеме наши ромски ученици во средното медицинско училиште и во гимназијата, каде што се бараше одличен успех, но Ромите имаа оценки претежно тројки, или четворки. Успеавме да ги запишеме таму.“

„Градоначалникот - партнер со сите граѓани и етникуми, но не и со партиите“

Градоначалникот Беџети е категоричен: „Реализираме комунални и други проекти за сите граѓани“. Тој додава: „Ги посетивме секоја населба, секое село: таму не живеат само Албанци, туку и други етникуми. Со сите тие луѓе ние имаме партнерство – ние, како раководство на градот и општината, и јас како градоначалник. Покажавме дека не водиме еднонационална, туку мултиетничка политика, политика на комуникација со сите граѓани.“

Сепак, на тетовската локална власт и‘ претстои допрва сериозна работа во една чувствителна област - за пропорционална и правична застапеност на сите етникуми. Во ваков контекс,т во последно време поинтензивно ги истакнуваат ваквите свои барања и претставниците на турската етничка заедница во Тетово, кои немаат советник во комуналниот Совет од своите редови, исто како и Ромите.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска