Македонско-хрватски бизнис форум
25 октомври 2006Македонскиот премиер Никола Груевски ги повика хрватските бизнисмени да инвестираат во Македонија. Им понуди нови намалени даноци. Министерот без ресор во македонската влада, Веле Сама, им порача да не ја гледаат Македонија само како двомилионски пазар.
“Предностите на Македонија најдобро се реализираат кога земјата ќе се гледа предвид на една идеална централна локација на Балканот и еден клучен дел во регионалната стратегија на вашите фирми“.
Ќе се вратат ли на голема врата во Maкедонија “Краш“, “Борово“ и другите хрватски гиганти? Директорот на “Краш“, Дарко Радушиќ вели:
“Не само македонскиот пазар, туку целиот регион се развива динамично. Во зависност од процесите што ќе се одвиваат овде “Краш“ ќе реагира со потези од своја страна. Во секој случај, освен Македонија тука е и Албанија, Косово, Бугарија, Романија, значи целиот овој регион за нас како производители и трговци е интересен. Во тој конктекст ќе се одвиваат идните активности на Краш и неговите партнери“.
Една од варијантите за конкретна зделка што би произлегла од вчарашниот бизнис форум е “Краш“ да влезе во “Европа“, најголемата македонска фабрика за чоколада и бонбони. Директорката Савка Димитрова не ја отфрла таквата можност: “Зошто да не? Мислам дека ние отсекогаш сме имале пријтелски односи со таа фирма, од друга страна тука на овие простори останавме само неколку фирми кои не се зафатени од глобализацијата“.
Хрватска е преплавена од моќни странски брендови кои сеуште ја одминуваат Македонија. Препораката на хрватските бизнисмени е да се следи нивниот пример.
“Мислам дека треба да ги следите чекорите на Хрватска и како што кај нас во секоја жупанија се отворени стопански зони, да го направите тоа и вие. Силно ме израдува веста дека и тука се отвораат такви зони и нашата групација е заинтересирана за таква зона. Инаку, соработката со одреден број фирми од Македонија е добра и мислам дека можеме да воспоставиме уште посилна соработка“, вели Здравко Певец од групацијата Певец.
Хрватска е една од ретките земји со кои Македонија има суфицит во трговијата. 15 милиони долари годишно. Вкупната размена е 145 милиони долари, што е само една четвртина од трговијата што се остваруваше во почетокот на деведесетите.