1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонското срце на почесните козули во Германија

Силвера Падори-Кленке8 септември 2013

Македонија има четворица почесни конзули во Германија (Хамбург, Нирнберг, Мајнц и Диселдорф) кои се ангажират за земјата и нејзините луѓе. По повод Денот на независноста тие за ДВ говорат: зошто имаат срце за Македонија.

https://p.dw.com/p/19chd
Фотографија: DW/S. Padori

Како да се стаса до Македонија? Требаат ли визи? Што треба да се посети? Каква е климата? Можи ли економски да се соработува? Ова се само неколку од прашањата кои до почесните конзулати на Македонија ги упатуваат германските намерници кои сакаат да ја посетат земјата. Почесните конзули, пак, во Хамбург, Нирнберг, Мајнц и Диселдорф се грижат потенцијалните гости да стасаат до вистинската дестинација, а се воспоставуваат контакти и меѓу заинтересираните фирми. Или, како вели Ханс Јирген Беш, прв македонски почесен конзул од Хамбург, се комуницира за се’ и се даваат сите информации како во нормалните дипломатски претставништва, освен се разбира - издавањето визи. Ханс Јирген Беш кој одамна деловно е врзан за Балканот и Македонија, официјално станал конзул на 9. јануари 2006. година. Македонија, како вели го освоила уште многу одамна, но вечно ќе го помни првиот контакт со Скопје - кој не бил особено оптимистички.
„Првпат во Скопје стасав во 2000-тата, во времето кога целиот регион беше немирен и кога за безбедноста се грижеше КФОР. Доживеав своевиден шок кога на аеродромот во Скопје во декемвриската ноќ прво што видов беше еден тенк. Тоа беше првиот тенк што воопшто така непосредно сум го видел. По два дена, за среќа, се’ беше поинаку. Кратко време ми беше потребно за да почувствувам колку земјата е прекрасна. Сега повеќепати годишно престојувам во Македонија. Она што ме привлекува и што постојано одново и одново ме плени е отвореноста на луѓето, прекрасната природа и клима, и секако - потенцијалите за добра иднина на земјата“, вели Ханс Јирген Беш, почесниот конзул на Македонија во Хамбург кој признава дека има слабост кон македонското бело вино и пиперките поради кои, како вели шеговито, вреди и понатаму да се ангажира за продлабочување на соработката меѓу германските стопанственици од неговиот град и земјата со прекрасниот народ и градови како Битола, Охрид, Скопје...

Медицинска помош за Македонија „виа“ Нирнберг

Др. Герхард Паул Кригер е почесниот конзул на Македонија во Нирнберг. Иако има германско име и презиме, Кригер говори прекрасно македонски.
„Не се чудете! Татко ми беше Германец, но мајка ми, која е жива и има 91 година, е Македонка. Три четврттини од моето семејство се ептен загреани за Македонија: сопругата и двете деца, а секако и јас, иако немам македонско име и презиме“, вели за ДВ најпознатиот интернист меѓу Македонците од Нирнберг, кој покрај функцијата почесен конзул е и претседател на македонското друштво од градот. По завршените студии по медицина, Герхард се’срдно се ангажирал на поврзување на медицинските установи од Нирнберг со македонските. Во времето кога започнала размената и соработката, се сеќава дека во македонското здравство состојбата била катастрофална. Особено по осамостојувањето. Тој е „виновникот“ за се’вкупната соработка меѓу медицинарите од Нирнберг и Скопје, поради што е добитник и на 13-Ноемвриската награда на Скопје. Како интернист имал многу контакти и успеал своевремено во Македонија да ги донесе и големите производители на медицинска опрема како Сименс, но и помогнал многу македонски кардиолози да специјализираат. во Германија.
„Се ангажирам верувајте со задоволство. Не работам за поединци, туку, иако звучи можеби демагошки – се ангажирам за народот. Како почесен конзул освен околу медицината, успеав да посредувам во Македонија да стасаат и големи фирми, како на пример ’Кнауф’“ , кажува др. Кригер, кој вели дека денеска (8. септември) независноста на Македонија се прославува во клубот во Нирнберг
„Имаме гозба со прасе“, обелодени др. Герхард Паул Кригер, почесен конзул на Македонија во Нирнберг.

Почесната функција има друга тежина!

Меѓу почесните конзули има еден и оригинален Македонец: Мирче Филипоски, кој од 2010. е почесен конзул на Македонија во Мајнц.
„ Од се’ срце и со цела душа се обидувам да придонесам Македонија да стане што повеќе препознатлива кај обичните германски луѓе и поинтересна за економската соработка со тукашните фирми. Поради оваа желба летово направив и еден свој експеримент. Однесов десетина Германци во Македонија. Луѓето имаа прилика да прошетаат, да ги видат убавините и да се запознаат со културното наследство и богатство на земјата. Идеја ми беше од разговорите за нивното искуство да видам каде имаат забелешки, што може да направиме подобро за привлекување на германските туристи кон Македонија. Што се однесува до екононмското поврзување меѓу Македонија и Германија, се обидувам да бидам присутен секаде онаму каде може да се воспостават нови контакти“, објаснува Мирче Филипоски за ДВ, кого го прашуваме: дали е нешто поинаку окако ја има почесната функција?
„ Искрено, фактот што ја имам функцијата почесен конзул носи нова тежина и партнерите кои се заинтересирани за Македонија гледаат многу поинаку кога земјата ја претставува еден почесен конзул отколку само - Мирче Филипоски. Титулата си го носи своето, иако јас сум оној истиот Мирче со истото македонско срце“, дополнува Филипоски, кој едновремено е претседател на црковната општина, ангажиран во фудбалскиот клуб, на чело на приватната фирма „СПП директ“ која е дел од групацијата МИРА и на семејството Филипоски. Не му е ли премногу??
„Па, успевам да стасам секаде! Мојата фирма е добро структуирана и не мора да бидам ангажиран 40 часа неделно или повеќе. Во црковната општина има генерација млади луѓе кои одлично работат и без мене. Фудбалот е само спорт, а како почесен конзул го правам сето она што е потребно. Сепак, семејството е на прво место. Тоа ми е најважно и секако дека сум присутен и дома и имам нормален семеен живот“, кажува Мирче Филипоски кој Денот на независноста на Македонија го прославува со Македонците од Нирнберг во просториите кои се дел од новоизградената црква „Св. Никола“.

Воодушевен од решителноста

Прв човек на почесниот конзулат на Македонија во Диселдорф е адвокатот Холгер Михаел Арндт, кој функцијата ја извршува од јануари 2011. година. На официјалниот старт на ангажманот, меѓутоа, му претходеле бројните патувања на Арндт во Македонија и работата на најразлични проекти врзани за образованието и подобрувањето на компетенциите на младите, возрасните и администрацијата.
„Се чувствувам близок со земјата. Со години кај мене зрееше желбата уште повеќе да придонесам , така што со доделувањето на функцијата почесен конзул сум навистина почестен и радо ги прифаќам новите задачи. Покрај формалните обврски врзани за конзуларното претставување на земјата, се обидувам да најдам простор за што поширока презентација на македонските уметници во регионот на Северна Рајна Вествалија. Значајни се и бројните проекти кои придонесуваат во европскиот пат на Македонија. Така на пример воспоставената соработка со германското министерство за внатрешни работи пролетоска го овоможи студискиот престој на група македонски експерти кои се ангажирани во борбата против корупцијата. Со ангажманот на почесните конзули на Германските евангелистички денови во Хамбург се слушна и за Македонија. Поточно, пред илајдна публика, во рамките на дискусијата за Европа, на која учествуваше и претседателот на Европскиот парламент, Мартин Шулц, за Македонија говоревме Лилјана Поповска и јас. Тоа се само неколку примери со кои сакам Македонија да ја направам поприсутна и повидлива со што луѓето во Германија ќе добијат вистински информации за позициите на земјата“, истакнува Холгер Михаел Арндт кој одговара и на прашањето: со што го фасцинира Македонија?
„Ми се допаѓа земјата и луѓето. Македонија е прекрасна дестинација за патување. Место каде може вкусно да се јаде, каде може да се сретнат прекрасни луѓе, каде човек може да се релаксира и да ужива во неповторливата и негибната природа. И Скопје е преубав град со активен дневен и ноќен живот. Можеби е лично и субјективно, но за мене Македонија е многу попривлечна од сите останати држави од регионот. И од професионален аспект ме воодушевува борбата која земјата ја води за сопствениот идентитет. И покрај сите проблеми остана цврстината и волјата на луѓето да покажат дека Македонија е нешто посебно и заслужува и има право на свое место во светот и во Европската унија“, коментира за ДВ Холгер Михаел Арндт, почесен конзул на Македонија во Диселдорф.

Holger-Michael Arndt Honorarkonsul der Republik Mazedonien in Düsseldorf
Почесниот конзул Холгер Михаел Арндт од Диседорф е фасциниран од борбата на Македонија за сопствениот идентитетФотографија: privat
Mirce Filiposki Honorarkonsul der Republik Mazedonien in Mainz
За Мирче Филипоски од Мајнц, почесната титула не промени ништо во неговото македонско срцеФотографија: privat
Gerhard Paul Krüger Honorarkonsul der Republik Mazedonien in Nürnberg
Доктор Герхард Паул Кригер, почесниот конзул од Нирнберг придонесе за соработката во медицинатаФотографија: privat
Hans Jürgen Bösch Honorarkonsul der Republik Mazedonien in Hamburg
Ханс Јирген Беш - прв македонски почесен конзул во ХамбургФотографија: privat