1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонски топоними, албански топоними - кој да стави ред?

Свето Тоевски16 февруари 2014

Македонија десетина години нема Комисија за стандардизација на географските имиња. Експертите предупредуваат на последиците. Неофицијалното преименување на топонимите е спротивно на меѓународните стандарди и принципи.

https://p.dw.com/p/1B9w9
Tetovo
Фотографија: DW

„Уште во 2004 година, кога се донесуваше законот за територијална организација на локалната самоуправа во државата, Институтот за македонски јазик од Скопје, поттикнат од големата промена на низа словенски топоними со топоними на албански јазик, организираше трибина во врска со стандардизацијата на географските имиња, а пет години подоцна достави и барање до Министерството за култура за да се спроведе таквата стандардизација. Но, на тоа се‘ уште нема одговор“ - ова се наведува во „Мислењето на Советот за македонски јазик во врска со примената на националната стратегија во областа на културата од 2012. до 2017. година“, објавено на официјалната интернет – страница на Министерството за култура. Поврзано со споменатото мислење, Дојче веле ги праша Министерството за култура и Советот за македонски јазик: кога ќе се спроведе стандардизацијата и практичната заштита на топонимите, кои веќе имаат добиено од Владата третман на „заштитено духовно културно богатство“ и како се гледа на промената на изворните словенски топоними со нови на албански јазик?

„Македонските и албанските научници треба да воспостават дијалог“

Од Министерството за култура бевме упатени на седница за Советот за култура, кој по заземањето став во врска со прашањата на ДВ се огласи со следната писмена изјава: „Со одлука на Владата од 2009. година топонимите се прогласени за културно наследство од исклучително значење. Македонските топоними во голем дел имаат своја стандардизирана форма, нотирана во постојниот правопис на македонскиот литературен јазик. Друг дел, кој досега не беше стандаризиран, ќе си најде свој одраз во новото и дополнето издание на тој правопис. Останува како отворено прашање за стандардизација: како треба да бидат транскрибирани македонските топоними на албански јазик и писмо, особено во оној дел на земјата во кој живее чисто етничко македонско население? Се‘ уште не постои стандардизирана форма на албанските еквиваленти за македонските топоними. Во перспектива, надминувањето на оваа ситуација ја гледаме низ дијалог, кој треба да го воспостават македонските и албанските научници и експерти од оваа област, пред сè, ономастичари, географи, картографи, историчари и правници. Досега не било предмет на некоја поопсежна анализа, ниту на некакви прегледни статистички извештаи тоа во колкава мера се врши албанизација на словенските топоними во Македонија. Советот за македонски јазик смета дека ваквиот процес треба да се запре. Најверојатно, тоа ќе биде овозможено во правна рамка, која ќе биде вградена во новиот закон за употреба на македонскиот јазик.“

Македонските медиуми информираат за замената на називите на одделни географски места: скијачкиот и зимско – излетнички локалитет Попова Шапка на Шар Планина веќе има добиено и албански назив „Кодра е Диелит“, што на македонски значи „Сончева долина“. Според медиумските извештаи, некои села на оваа планина исклучиво со албанска популација, веќе имаат и посебни албанизирани топоними: Шипковица има име и „Шикој“, Вејце – „Виц“, Лавце – Љац ...

Panoramabild von Zelino, nahe Tetovo
Фотографија: DW/S. Toevski

„Неофицијалното преименување на топонимите спротивно на меѓународните стандарди и принципи“

Во врска со оваа појава д-р Благоја Маркоски, експерт за картографија од државниот Институт за географија од Скопје, коментира: „Повеќе од осум илјади географски имиња се веќе стандардизирани уште во поранешниот период и нив ги има во литературата, на географските карти, во евиденциите и документите на Организацијата на Обединетите Нации и во меѓународната организацијата за ИСО-стандардите. Тие се заштитени и прифатени како официјални и во сферата на информатичката технологија како имиња за разни адреси. Станува збор за имиња на реки, планини, градови, села, ридови, значи, се‘. Промената на изворните словенски топоними со албански називи на географските места е неофицијално преименување на географските имиња и е спротивно на стандардите и принципите на ООН.“

Советот за македонски јазик во својата изјава за ДВ го истакнува и следново: „Формирањето на Комисијата за стандардизација на географските имиња, од минатата година е влезено во 'Националната стратегија за развој на културата за периодот 2013-2017. година' на Министерството за култура. Се надеваме дека оваа Комисија наскоро ќе биде формирана и ќе профункционира. Во нејзината работа, покрај лингвистите треба да учествуваат и географи, картографи, правници, дипломати, историчари, претставници од Министерството за внатрешни работи, од Заводот за статистика и сл. Заложбите на таа комисија треба да ја опфатат и корекцијата на преводот на албански јазик на Законот за територијална организација од 2004. година, во оние точки и сегменти за кои експертската научна јавност се произнесе уште пред десет години. Најмногу корекции ќе треба да се извршат кај оние топоними, кои се наоѓаат, главно во етнички чисти македонски средини, и кај оние топоними чиј интегритет е нарушен, независно дали станува збор за превод на топоними, или само за неконзистентност на морфолошко и на фонетско рамниште при транскрибирањето на македонските топоними со албанска латиница.“

Професорот Маркоски нагласува дека безуспешно се обидувал неколку пати и на ниво на контакти со ресорни владини министри уште од 2000 – 2006. година да издејствува формирање тело за евиденција и стандардизација, за класификација на географските имиња, заради изработка на домашни и меѓународни карти и атласи, иако ги подготвувал сите потребни документи.

Тој дополнува: „Нововедените албански топоними немаат конечна употреба, туку само локално значење. Со тоа само ќе се појави недоверба и непочитување меѓу населението и меѓу политичките групации. Долгорочно, целта на менувањето на македонските топоними значи бришење на трагите на населението, кое живее на просторот каде што се менуваат географските имиња.“

Според експертите, од топонимите што се среќаваат на територијата на Македонија само десет проценти имаат туѓо потекло. Тие укажуваат дека во топонимите се вградени јазикот, религијата и фолклорот на Македонија, нејзината културна историја, економските, политички и други промени во нејзиното минато. Во еден значаен дел од топонимите се рефлектирале историските личности, настани и процеси, кои се случувале на овие простори, како и народното паметење за сето тоа. Токму затоа и се бара од државните институции час поскоро да преземат мерки за заштита на македонската топонимија.