1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонски поговорки за француската публика

26 февруари 2011

Неодамна во издание на издавачката куќа „Дофин“, поддржана од македонското министерство за култура, излезе од печат најновата книга на Јорданка Христова-Фулон: „Поговорки, изреки и стереотипни споредби од Македонија“.

https://p.dw.com/p/R0i5
Насловната страница на книгата на Јорданка Христова-ФулонФотографија: DW/Toni Glamcevski

Јорданка Фулон-Христова и‘ е позната на македонската и на француската јавност како основоположник на наставата по македонски јазик, литература и цивилизација во Националниот институт за ориентални јазици и цивилизации (INALCO) во Париз. Таа ја водеше наставата по македонски јазик во Париз се до 1996 година, кога замина во пензија, но не и во мирување со научната работа.

Книгата на Јорданка Христова-Фулон (родена во 1930 година) „Поговорки, изреки, стереотипни споредби од Македонија“ е всушност прво компаративно научно претставување на македонските поговорки и изреки пред француската и воопшто пред франкофонската јавност.

„Тоа значи многу, затоа и се нафатив со оваа работа, бидејќи се работеше да се покаже таа народна литература во Македонија, барем еден дел од таа народна литература и да се запознае француската и франкофонската публика со неа“, вели за Дојче веле професорката Христова-Фулон.

Kirche Heiliger Johannes in Kaneo, Ohrid See, Mazedonien
За Македонија и нејзината историја треба да се дознае уште повеќе, вели Христова-ФулонФотографија: picture-alliance/ dpa

Нејзиното истражување е работено врз основа на материјалот содржан главно во петте најзначајни македонски зборници на Кузман Шапкарев, Марко Цепенков, Филип Каваев и на Кирил Пенушлиски. Тоа се зборниците што го опфаќаат пред се‘ фондот од драгоцените записи на овие кратки жанрови во 19-ти век, освежен и со дел записи од современиот жив фолклорен материјал.

„Како што знаеме, во епохата на романтизмот, луѓето се свртија кон народната литература и преку неа осетија дека нивниот јазик не е ист како соседните словенски јазици. Значи, во таа епоха на 19-ти век, сите тие осетија дека имаат свој јазик, своја литература, тоа беше едно заедничко будење на националната свест, во тоа е и значењето на оваа книга.“

Богатство од историски информации

Во опширниот вовед авторката дава историски информации за Македонците и за поделена Македонија во балкански и европски контекст, со посебен осврт на македонските собирачи, издавачи и проучувачи на кратките жанрови во 19-ти и 20-ти век и прави обид да ги класифицира разните типови македонски поговорки и изреки и нивната функција во минатото и во сегашноста.

По краткиот библиографски преглед, се објавени и 7 историски карти за судбината на Македонија во балкански и европски рамки во 20-ти век, а целата книга е илустрирана со фотографии од сопругот на авторката и познат француски уметнички фотограф, Фулон.

Поговорките, кои го заземаат најголемиот дел од монографијата, како што вели авторката на книгата, се избрани од петте зборници на начин на кој тие би значеле нешто за франкофонската публика. Потоа, на значително помал број страници се претставени изреките, а тука се и стереотипните споредби.

По краткиот преглед на верувањата, авторката посебно ги дава тематските индекси (француско-македонскиот и македонско-францускиот) и книгата ја завршува со индекс на цитираните странски пословици што сето заедно за истражувачите има посебно значење, бидејќи овозможува компаративно проучување на македонската усна традиција од овие жанрови кај цитираните седумдесетина народи и јазици.

Токму за значењето на оваа книга на Јорданка Фулон-Христова, македонскиот академик Блаже Ристовски напиша дека таа „претставува не само научен труд од областа на македонистиката, туку и битен принос кон етнокултурната афирмација на македонската усна традиција и на македонскиот јазик, а со тоа и афирмација на културниот код на идентитетот на македонскиот народ“.

„Таа романтичарска епоха е многу важна. Секој наш човек од таа епоха придонел со нешто, за да се разбуди тоа чувство на идентитет, било Пулевски, било Шапкарев, било Миладиновци.“

Stand Mazedonien - Frankfurt Buchmesse
Фотографија: DW

Тежок почеток на наставата по македонски јазик

Јорданка Христова-Фулон се сеќава дека не беше лесно да се започне со наставата по македонски јазик во Париз.

„Во почетокот беше многу тешко, кога се заведе македонскиот јазик во 1962 година. Уште од почетокот имаше проблеми од сите страни, особено во врска со историјата на Македонија. Не знам зошто, токму за Македонија се поставуваат толку барања за материјалите за Македонија не бидат од Македонија, како ние да сакаме да докажеме нешто што не е точно. На пример за Блаже Конески да ги држи предавањата по историја се водеше битка со претседателот на Институтот. Требаше да кажам дека имаме во тие документи историски факти кои произлегуваат од турски тефтери. За среќа тука беа студентите кои се интересираа за македонскиот јазик“.

На крајот од разговорот Јорданка Христова-Фулон, која е автор на уште неколку книги посветени на македонскиот јазик и граматика, за Дојче веле признава дека работи и на други проекти, бидејќи има уште многу нешта кои треба да се претстават од Македонија пред европската и светската јавност.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Борис Георгиевски