1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонски парадокс: субвенциите растат, производството опаѓа

Катерина Блажевска28 октомври 2013

Сточарите сметаат дека причина за падот на производството во сточарството се скапата сточна храна, сè поголемата конкуренција од увоз и нередовната исплата на субвенции.

https://p.dw.com/p/1A73o
Фотографија: BGNES

И покрај огромните суми за субвенции кои во изминатите години се исплатија во земјоделството и сточарството, во Извештајот на Европската Комисија се нотира пад на производството во сточарството. Намалено е производството на млеко, но и бројот на грла, најмногу кај овците, потоа кај свињите и кравите. Падот на домашното производство на пилешко месо, веќе никој и не го спомнува. Производството на бројлери (пилиња за јадење) во мали домашни капацитети, стана жртва на големиот конкурентен увоз на ефтино замрзнато пилешко месо. Овие податоци за сточарите и не се изненадување, бидејќи ги сметаат за „логично" продолжување на ланскиот тренд, кога за 33,4% беше намалено производството на јагнешко, за 14% на говедско, а во исто време увозот на месо и преработки порасна за 40,1%. Ваквите податоци се своевиден парадокс, ако се има предвид дека Владата продолжува со спроведувањето на мерките со кои на земјоделците им се овозможува поволен пристап до кредити, покривање на дел од трошоците за набавка на сточен фонд, подигање на насади и култури, како и субвенционирање на земјоделското производство. Во периодот 2011-2015 година за субвенции во земјоделството се предвидени вкупно 670 милиони евра. Во 2011 биле исплатени 115 милиони евра, во 2012 - 130 милиони евра, за годинава - 135 милиони евра. За 2014 се планираат 140 милиони евра субвенции, а за 2015 - 150 милиони евра.

Кога јагнињата ќе стивнат

Сточарите сметаат дека причина за падот на производството во сточарството се скапата сточна храна, сè поголемата конкуренција од увоз и нередовната исплата на субвенции.

„Високите цени на сточната храна не можат да се издржат. Временската рамка за исплата на субвенции не се исполнува и наместо кога храната е евтина, сточарите парите од субвенциите ги добиваат кога сточната храна е скапа", велат сточари. Годинава субвенции беа исплатени во март, непосредно пред локалните избори, кога за 12.403 сточари беа исплатени 455,3 милиони денари. За одгледување говеда на 10.693 сточари им беа исплатени 196,1 милион денари, односно 2.800 денари по грло, а 259,2 милиони денари беа наменети за 1.710 лица за одгледување овци, односно по 1.000 денари по грло и дополнителни 700 денари за секое оставено женско јагне. Но, прашање е дали субвенциите се употребени за вистинската намена? Засега нема контрола како се трошат тие средства од страна на производителите. Зоран Поповски, професор од Факултетот за земјоделство и храна на УКИМ, вели дека субвенциите во земјоделието не се насочени кон унапредување на производството и економски раст.

Markt in Skopje
Пазар во СкопјеФотографија: DW

„Тие се користат како социјални мерки за задоволување на егзистенцијалните потреби на агропроизводителите - школување на деца, поправка, изградба и опремување на станбени објекти, набавка на моторни возила и т.н. Фармерите немаат никаква обврска средствата од субвенции нужно да ги насочуваат во развојот на сопственото производство. Покрај тоа, треба да се види и квалитетот на производите и остварените приходи. Можеби фармерите го менуваат расовиот состав на животните за да го унапредат квалитетот, што во одеден момент може да е пропратено со намален број на грла. Но, сето ова се претпоставки. Од Извештајот на ЕК се забележува дека за повеќе од 10 отсто се зголемила обработливата површина во споредба со минатата година. Сите други параметри се во надолна линија", вели Поповски.

Бавно реструктуирање

Министерот за земјоделство, Љупчо Димовски, е задоволен од оценките на ЕК.

„Комисијата како напреднати ги оцени подготовките кои се однесуваат на поставување Интегриран систем за администрација и контрола на политиките на поддршка, акцентирајќи го особено зголемениот опфат на регистрираните земјишни парцели во Системот за идентификација, изјави Димовски за МИА.

Но, единствениот парадокс не е во односот големи субвенции - мало производство. Д-р Малинка Ристевска - Јорданова, директор на Институтот за европска политика од Скопје констатира и друг.

„Ако се анализираат извештаите на Европската комисија во областа на земјоделството и руралниот развој последнивe неколку години, ќе се забележи парадокс - има напредок во усогласувањето со ЕУ, административните капацитети се подобруваат, а апсорпцискиот капацитет за користење на средствата од ИПАРД е низок - 7,9 милиони евра од програмата за 2009 не биле искористени. И со средствата од националните субвенции, и со средствата од ИПА управува Националната платежна агенција, што е логично решение во претпристапна фаза заради прилагодување. И средствата од националните субвенции и оние од ИПА се насочени кон зголемување на конкурентноста. Меѓутоа, средствата од националните субвенции се користат, а средствата од ИПА многу помалку. Средствата од ИПА се за инвестиции за реструктуирање на земјоделските домаќинства, за преработка и маркетинг, за диверзификација и за техничка поддршка. Значи - има субвенции, но за жал, нема суштествено реструктуирање на Секторот, или е побавно од оние кои ни се конкуренција на пазарот", вели Ристевска - Јорданова.

Добро-само на прв поглед!

Сите овие податоци се „камчињата" кои го сочинуваат мозаикот на микро и макроекономската слика за Македонија. Статистичкиот анекс на Извештајот на ЕК за одделни прашања говори дури и повеќе од самиот текст за состојбата на економијата во Македонија, вели Петар Гошев, поранешен гувернер на НБРМ.

„Податоците за растот на БДП во последните пет години говорат за просечен раст од само 1,9%. На прв поглед, во услови на криза, аутсајдер од развиените земји би можел да каже, 'па не е така лошо!' Тоа не би било лошо, ако не се земе предвид нивото на нашиот економски развој; ако во истиот период долгот на владата не се зголемеше од 20 отсто како дел од БДП, на 34,1%, како дел од БДП, без остатокот од затскриените долгови; ако бруто надворешниот долг не се зголемеше од 3.3 милијарди евра во 2008 (или 49% од БДП), на 5,5 милијарди( над 70% од БДП) во 2012 година; и ако продуктивноста на трудот по вработен не се намалуваше сите овие години, со исклучок на 2010, кумулативно за 4%. Истовремено и вториот важен индикатор за екстерните ризици на земјата, бруто надворешниот долг во однос на вкупниот извоз, е влошен, од 97,6% ( 2008) на 131,7% во 2012 година", вели Гошев.

Mazedonien Land und Leute
Петар ГошевФотографија: DW/Stojanovski

Според него, важни се и податоците за формирањето на бруто фиксниот капитал, како учество во БДП.

„На прв поглед не изгледаат лошо, со учество од околу 20% во БДП. Но ако се навлезе во нивната структура, во анекс табелите таа не е дадена, ќе видиме дека инвестициите на деловните субјекти од 2008-2012 изнесуваат скромни 11-12% од БДП, а во рамките на тоа само една третина се вложени во машини и опрема. Оттука, не треба да не изненадува состојбата со продуктивноста на трудот и нискиот раст на економијата, имајќи предвид дека Македонија е на дното на Европа според индикаторите за развиеност", оценува поранешниот гувернер на НБРМ.

Но, показателот кој ги плаши економистите е стагнацијата на растот на населението, бидејќи земја чие население не се зголемува, а нема увоз на работна сила, не може да очекува соодветен раст на економијата. Апсолутниот прираст во 2012 година изнесуваше само 3.434 лица, при што не се знае колкав е прирастот остварен од тие што пријавиле престој во странство до една година, која најчесто не завршува на тоа. За илустрација, во 2002 година прирастот бил речиси двојно поголем од оној во 2012, а пред петнаесетина години истиот пет пати поголем - околу 17.000.