1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонски лекари во Хамбург и во Нирнберг

Силвера Падори-Кленке17 јануари 2013

Идната соработка меѓу министертсвото за здравство и двата медицински концерна од Хамбург и Нирнберг ќе биде во доменот на едукација на македонските лекари, но и интервенции на германските специјалисти во Македонија

https://p.dw.com/p/17LXV
Фотографија: picture alliance/dpa

Во германските болници македонските лекари се – реткост, но уште поголем раритет се германските доктори во македонските медицински установи. Ако се исклучат македонските медицинари кои студирале и останале во Германија, некаква поголема соработка нема. Поради ова и првиот човек на македонското здравство Никола Тодоров, од вчера е во Германија, обидувајќи се да иницира подобрување во соработката во оваа значајна сфера.Поточно вчера и денес е во работна посета на Универзитетските клиники Хамбург – Епендорф (УКЕ) а утре има разговори со менаџментот на Клиниките Нирнберг. И со двете топ медицински институции кои во вистинска смисла на зборот се концерни, македонското министерство за здравство ќе потпише меморандуми за соработка, или писма за намери - формулација која ја користат германските партнери.

Административни рамки

„Со министерот Тодоров се договоривме во наредниве месеци да ја интензивираме меѓусебната соработка и тоа на две полиња. Најпрво идејата е Универзитетската клиника Епендорф (УКЕ) да го поддржи здравствениот сектор во Македонија што конкретно значи тука на нашите клиники на своевидна обука да доаѓаат македонски лекари. И тоа на краткорочни и долгорочни престои. Деталите допрва ќе се разработат. Во втората фаза од соработката германски специјалисти би патувале во Македонија, каде би извршувале помали операции и интервенции за кои се специјализирани, а кои не се изведуваат во Македонија“, изјави за ДВ Михаел ван Ло, раководител на персоналното, правното и организационото одделение на Универзитетската Клиника Хамбург - Епендорф. Тој потсети дека организирањето на кратките или долгите престои за лекарите од Македонија е врзано и за обезбедување дозволи за престој, односно исполнување на потребните административно-политички рамки, така што станува збор за процедура која во наредниот период мора да се усогласи на сите нивоа. Михаел ван Ло, дополнува дека било разговарано во наредните години соработката да се продлабочи и на други медицински полиња, меѓу кои е и научната работа и учество во заеднички проекти.
Универзитетската клиника Хамбург - Епендорф инаку ја чинат 14 центри организирани во 80 клиники, поликлиники и институти. Има 1.306 болнички кревети, плус 160 легла во Универзитетскиот центар за срцеви болни. Годишно на клиниките се стационираат над 80.000 пациенти, 263.000 се лекуваат во амбулантите, а 113.000 во одделенијата за прва помош. Тука се вршат и сите можни трансплантации, почнувајќи од срце, преку бели дробови и бубрези, до коскена срцевина. Од 9.100 вработени, 2.241 се лекари и истражувачи, а 2.880 се негуватели и терапевти.

Osteoporose drittes Stadium Operation
Размена на знаење и искуство!Фотографија: picture-alliance/maxppp

Формализирање на „збратимената“ соработка

„Со потпишувањето на писмото за намери практично ќе се официјализира соработката која трае подолго од 20 години меѓу збратимените градови Скопје и Нирнберг. Врз основа на ’збратименоста’, во изминативе две децении многу млади лекари, но и студентит од Македонија престојувале на нашите клиники. Некогаш по 4 недели, некогаш подолго, така што дел од колегите тука и специјализирале“, изјави за ДВ др. Гинтер Никлевски, од Клиника за психијатрија на Клиничкиот центар Нирнберг кој подвлече дека за Македонија веројатно посебно интересен е делот на кардиохирургија каде веќе постои соработка . Др. Никлевски, кој пред некоја година ја добил и наградата на град Скопје за ангажманот и унапредувањето на заедничката соработка во доменот на медицината, го прашуваме: кој е интересот на германската страна?
„Сигурно дека од ваквите договори треба да профитираат и обете страни. Во конкретниот случај постои интерес од германската страна дел од своите знаења да ги пренесе онаму каде се навистина потребни. Има и бројни пензионирани професори кои се расположени со дел од своите искуства да ги запознаат помладите македонски колеги“, појасни др. Гинтер Никлевски.
Во составот на клиничкиот центар Нирнберг (Југ и Север) се 38 болници, каде годишно се хоспитализираат над 100 000 лица, а низ амбулантски прегледи годишно минуваат над 95.000 пациенти.