1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонски интелектуалци ја критикуваат непринципиелноста на ЕУ

СН/ам/миа22 декември 2013

Македонија е голем историски пораз на Унијата во процесот на европското обединување, се оценува во писмото на „Македонски манифест“, зад кој стои група македонски интелектуелци.

https://p.dw.com/p/1Ael3
Фотографија: AP

Најновото игнорирање на евроатлантските аспирации на Македонија од страна на Унијата, е уште една потврда за европската недоследност и дволичност, оценува „Македонски манифест“. Со нелегалниот третман на кој е изложена Македонија, Брисел длабоко ги изневерува носителите на европската обединувачка идеја: Иго, Волтер, Хердер, Гете, како и нејзините реализатори: Моне, Шуман и Аденауер, се оценува во писмото на група македонски интелектуалци.

Преку писмото се повикуваат македонските политичари веднаш, со индигнација да ги отфрлат непристојните уцени и ултиматуми за идентитетско обезличување, бришење од сопствената историска меморија и култура, и од светската карта на народите. „Македонски манифест“, изразувајќи ги фундаменталните интереси на македонскиот народ, одлучно порачува: „НЕ во ЕУ, се’ додека се оспорува или не се почитува националниот идентитет на македонскиот народ!“

Непринципиелниот однос на Унијата кон Македонија која, според оценките на нејзината Европска комисија, ги исполнува критериумите за почеток на преговорите за членство, е историски срам за Брисел.

„Голем срам и за НАТО и за ЕУ е што измислуваат и јавно подметнуваат дека Македонија не била добар сосед на Грција или на Бугарија. Зарем, во Брисел ослепеле сите и ниту гледаат ниту разбираат дека и Атина, и Софија, не прифаќаат дека постоиме како вековен македонски народ“, пишуваат дел од интелектуалците во Македонија.

„Македонија е голем историски пораз на Унијата во процесот на европското обединување“, се оценува во писмото, зад кое стојат Ефтим Клетников, поет, Запро Запров, композитор, Георги Барбаровски, поет, Стојан Стојков, композитор, Стефан Влахов–Мицов, историчар, Слободан Пренџов, универзитетски професор, Васил Атанасов, универзитетски професор и Александар Русјаков, писател.