Македонски гејмери на Светско првенство
12 јуни 2011Дружбата со компјутерска игра „Кантер страјк “ и вештината и рутината со која ја играат младите македонски гејмери од сајбер тимот „Ентити “ ги вивна во височините. Играта има се’ поголем број обожувачи меѓу младите, вели Јован Каланоски од Охрид, капитен на тимот :
„Кантер страјк “ веќе десет години е официјален електронски спорт признат во целиот свет. Се одржуваат многу светски и европски натпревари и многу други турнири во Шпанија , Полска во Русија каде што сме биле.“
Тренираме можеби повеќе од сите спортисти
Го прашавме како се подготвуваат и личат ли нивните подготовки како и кај другите спортисти или ?
„Како и сите други спортисти , може и уште и повеќе. На секои четири – пет дена неделно тренираме по четири до пет часа во принцип навечер. Тренираме тимски, се подготвуваме стратегиски, тактички . Тоа е едно надмудрување меѓу нас и противниците и ние треба во секое време да сме подготвени нашиот рефлекс да работи бидејќи ’Кантер страјк’ е рефлексна игра . Многу се вложуваме , многу се трудиме и многу имаме постигнато досега. “
Нивниот поход кон Светското првенство во Јужна Кореја во декември годинава не е е случаен :
„ Минатата година ги освоивме квалификациите и бевме во Америка во Лос Анџелес кадешто го победивме вице – шампионот од пред неколку години Данска и се пласиравме од шестнаесетто до дваесетото место. Тоа е голем успех за репрезентација од една мала земја како нашата во која интернет игрите се слабо развиени. Годинава учествуваме на шест турнири низ Балканот од кои пет ги освивме . Во Белград, Ниш , Крагуевац, на Косово ... Тренираме константно не прекинуваме . Имаме многу фанови кои не следат . Во моментов тие ни даваат мотив да продолжиме да играме. “
Проблем парите – како да се стигне до Јужна Кореја ?!
Пред сајбер тимот „Ентити “ составен од гејмери од Охрид, Струга, Тетово и Скопје како вечен проблем се исправија парите, признава Каланоски:
„ Единствено имаме поддршка од некои странски организации со кои во мигов преговараме , а од наши локални власти и компании се’ уште не сме добиле поддршка . “
Како и во животот – се надмудруваат полицијата и терористите
„Кантер страјк “ е игра во која се надмудруваат како секаде во светот полицијата и терористите . Сурова реалност на денешницата.
„ Како и во Лигата на шампионите во фудбал и во овој компјутерски спорт се почнува од групи и се игра на поени. Се оди во осмина , четврт и полуфинале , па се до финале и ако го надмудриш противникот и имаш повеќе поени , така се станува шампион.“
Патот кон Јужна Кореја „Ентити“ го започнаа од Скопје , каде што зад себе оставија дури шеесет сајбер екипи од Македонија. До декември пред нив се уште многу непроспиени ноќи исполнети со подготвки и надмудрувања. Јован е оптимист :
„ Се надеваме на Светското да поминеме од групната фаза до финалињата .Тоа би било најголем успех за една репрезентација од Балканот. А потоа се надеваме на влез во четврт или полуфинале, најмногу. “
„Кантер страјк “ и останатите „е – игри “ за младите во Македонија не се новост. Децата сонуваат да го достигнат успехот на „Ентити “.
Автор: Милчо Јованоски
Редактор: Симе Недевски